(Галерија) „Ист гејт мол“ ги отвора вратите за потрошувачите, со над 220 закупувачи и многу нови брендови
Инвестицијата на компанијата „Балфин“ изнесува 103 милиони евра и ќе овозможи вработување на околу 2.500 лица. Беше завршена за 26 месеци и се простира на 160 илјади метри квадратни бруто површина, а со овој објект Скопје станува регионална шопинг дестинација
Најголемиот трговски центар во земјава, но и пошироко во регионот, вечерва ги отвори вратите за државниот врв и за деловните партнери и гостите на компаниите и брендовите кои се присутни во овој импозантен објект со бруто изградена површина од 160.000 метри квадратни и над 220 закупувачи. За потрошувачите, прв шопинг ден е петок, 29 октомври.
„Активно работевме изминатите две години не само на изнаоѓање на соодветен микс на закупци туку гледавме и една друга компонента – да ги оцениме соодветно потребите на потрошувачите и да донесеме закупци кои што ќе одговорат на потребите на потрошувачите“, вели Игор Давков извршен директор на „Скопје Ист гејт“.
Тој вели дека трговскиот центар има регионален карактер и по својата големина и по миксот на закупци кои што е креиран и ќе понуди едно сосема ново шопинг искуство, како за граѓаните на Скопје, така и за оние од целата земја, но и надвор од неа.
„Ист гејт мол“ е дел од еден мултифункционален комплекс кој што покрај трговскиот центар опфаќа и резиденцијален комплекс и комплекс со деловни-канелариски простории.
„Ова е првата фаза од целиот проект која што ја завршуваме по 26 месеци. Пред неколку месеци почнавме со изградба на втората фаза, тоа е првиот блок од резиденцијалниот комплекс кој што на пазарот на недвижнини ќе донесе 672 единици нова станбена градба која што ќе биде спремна за вселување на крајот на 2023 гдоина“, вели Давков.
Од „Ист гејт мол“ најавуваат многу новини. Една од нив се и касите за самонаплата, за прв пат кај нас, кои ќе ги има во „Супер Тинекс“. Покрај тоа, компанијата ќе биде приусутна и со брендовите „Деликатесен Тинекс“ и со парфимеријата „Космо“.
Новиот продажен салон на „Нептун“ се простира на површина од 1.500 метри квадратни и како што велат од компанијата станува збор за една од носечките продавници во најрепрезентативниот трговски центар во целиот регион.
Продавницата на „Зара“ ќе биде најголема во регионот, а компанијата „Индитекс“ во чии рамки е, ќе биде присутна и со другите нејзини брендови. Покрај тоа, а прв пат во земјава се претставуваат четириесетина брендови.
„Скопје доби нов, најголем, современ трговски центар „Ист Гејт Мол“, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на свеченоста што се одржа вечерва во пресрет на утрешното официјално отворање на Ист Гејт Мол, лоциран на локацијата на поранешниот Скопски саем.
На настанот присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор и на закупците на трговскиот центар.
„Упатувам честитки на сите, на изведувачите, градежните компании, вработените во „Ист Гејт“ како и на менаџментот за успешната и навремена реализација на оваа огромна инвестиција. Како што најавија кога во март годинава бевме тука, така и остварија. Оваа есен добивме трговски центар од новата генерација, кој го претставува светот на едно место. Со овој проект, Скопје, нашата земја и сите ние, добиваме многу. Ќе доаѓаат домашни посетители, илјадници туристи од регионот и пошироко, и тука на едно место ќе најдат многу реномирани брендови. Она што е значајно за домашната економија, е дека ќе се вработат и над 2.500 наши граѓани, рече Заев, посочувајќи дека 90 проценти од компаниите кои работеа се домашни и целиот објект го завршија во рекорден рок.
Креиравме, истакна Заев, поволен деловен амбиент, за сериозни вложувања, со добро платени работни места.
„Сето тоа е препознаено и не случајно и во услови на пандемија се реализираат крупни капитални проекти, како овој во износ од 103 милиони евра. Денес, Северна Македонија е земја со предвидлива бизнис клима, НАТО членка, а тоа значи и сигурност на инвестициите. Сите одлуки кои ги носиме имаат за цел да создадат фер пазарни услови, подобра конкурентност и развој на приватниот сектор“, рече Заев.
Трговскиот центар беше изграден во рок од 26 месеци. „Ист гејт мол“ е дел од повеќенаменскиот проект „Скопје Ист Гејт“ и претставува инвестиција на Балфин Групација (Balfin Group).
(Фото: Борис Грданоски)