(Галерија) Дождот не ги исплаши скопјани


Фото: Б. грданоски

Падот на температурите и врнежите од дожд не ги исплашија граѓаните на главниот град на државата, Скопје.

Иако и натаму е забележливо дека на улиците има многу помалку автомобили и пешаци споредено со месеците пред корона кризата, Скопје како полека да заживува.

Така беше и денес, и покрај тоа што температурите значително беа пониски, а имаше и неколку периоди во денот кога врнеше силен дожд.

Пешки, на велосипед, или со автобус… оние кои требаше да завршат некоја работа мораа со себе да понесат и чадор. Нашиот фоторепортер со својот објектив го регистрираше денешниот ритам на градот.

Маските како полека да стануваат вообичаен дел од гардеробата или изгледот на секој од нас. Дали се тука да останат ќе зависи од справувањето со корона вирусот. До тогаш ќе живееме, како што се вели, во „новата нормала“, или со новото „свето тројство“ – маските, физичката дистанца и честото миење на рацете.

Инаку, како што известија од Управата за хидрометеоролошки работи најмногу дожд денес наврна во Пожаране, Тетово – 6 литри на метар квадратен, во Лазарополе – 4 и Виница и Скопје – Зајчев Рид по 1 литар на метар квадратен. Во Штип, пак, ветерот достигнал 65 километри на час, а во Скопје-Зајчев Рид над 50 километри на час.

За утре претпладне метеоролозите прогнозираат променливо облачно време, а попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој на места ќе достигнува брзина над 70 километри на час. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 15 до 21 степен.

Во Скопје, времети претпладне ќе биде променливо облачно, а попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Во наредните денови следува период на стабилно време со пораст на дневните температури. Особено топло се очекува во почетокот на следната седмица.

(Фото: Борис Грданоски)