Фуркан Салиу вели: „Не сум нападнал полицаец, нека го докажат тоа“

Апсењето и потоа носењето на Салиу во полициска станица ги отвори старите дилеми за односот на политиката и полицијата спрема новинарите


Фуркан Салиу по излегувањето од полициската станица

 

Инцидентот со новинарот Фуркан Салиу на регионален фудбалски натпревар во момент ја пренасочи траекторијата на изборната кампања од паролите за „горда“, „европска“ и „достоинствена“ и ја сведе на суштината – за демократските придобивки на Македонија. Снимката како неколкумина специјалци во целосна опрема го прекриваат новинарот што е на земја вознемири многумина.

Фуркан Салиу беше пуштен од полициската станица во скопска Автокоманда ноќеска околу полноќ и неговата изјава надвор пред објектот потврдува дел од приказните што претходно беа распространети, но го демантира клучниот навод на МВР – дека нападнал службедно лице.

Што рече Фуркан Салиу:

„Ме товарат дека сум нападнал полицаец. Нека го докажат тоа, од утре нема да ме гледате на екран. Ќе се извинам и ќе се тргнам. Нека докажат дека сум чепнал еден полицаец. Имаше таму полицајци кои снимаат, имаше камери од страна, нека докажат дека јас сум удрил полицаец… Полицајците почнаа да тепаат момче кое воопшто не учествуваше во тепачката, го ставија под кола да не се гледа и почнаа да го тепаат. Го извадив телефонот за да го документирам тоа, затоа што дечкото навистина ништо не направи. Ми го зедоа телефонот, ме уапсија мене дека сум пружал отпор, сум нападнал полицаец, ве молам докажете го тоа. Викам во видеото, се слуша, бегај – новинар сум, снимам, 90 отсто од тие полицајци ме знаат“.

Тој рече и дека го уапсила полициска единица чиј началник побарал среде натпревар новинарот да ги смири двете навивачки страни.

„Тоа го има на камера во МВР, затоа што тие го снимаа. Беше на работ на инцидент, тој побара од мене да влезам меѓу двете страни, затоа што сум работел на теми и во Коњари и во Арачиново, сите ме знаат. Откако излезе од контрола, тоа веќе е проблем на МВР. Јас не правам планови за вакви настани. Тоа што имаше малку полицајци, а многу публика, треба некој друг да одговори. Тоа што се дозволи да се тепаат граѓани меѓусебно пред полиција, тоа треба да одговори друг, јас не сум виновен“, рече Салиу.

Тој потврди дека имал пиштол во неговиот автомобил, за кој има дозвбола и дека го чувал расклопен. „Претресувањето на возилото би требало да биде во мое присуство. Јас знам дека тоа е направено во обид да се избришат снимките од телефоните на моите сниматели, од кои побарав да се снима насилството врз мене. Ме информираа дека некои снимки се избришани, ама се надевам дека ќе ги вратиме и целата вистина ќе излезе на виделина“, додаде уредникот на порталот „Икс“.

Дали поради тоа што преку него излегоа документите од наводните одлуки за врвот на ВМРО-ДПМНЕ за креирање лажни анкети и лажни вести, опозициската партија ја насочи целата приказна во реакциите во наводниот напад на службено лице. СДСМ настанот го оквалификува како враќање во мрачните денови на владеењето на Никола Груевски. Новопридодадениот партнер на вмрфовската коалиција, Македонски концепт, отиде многу подалеку нарекувајќи го инцидентот „девијантно поведение на албанскиот шовинизам“.

„Зошто за СДС нападот врз полицаец, за кој се сомничи Фуркан Салиу, не е напад врз државата?

Наместо да води лицемерна политика СДС одговорите нека ги побараат во признанието на самиот Фуркан Салиу кој призна дека поседувал оружје, и дека со своето однесување придонел кон ескалација на настаните. Зошто СДС е засегната партија во овој случај?

Дали СДС заговара непочитување на законите? Тоа што се случувало пред 15 години не е никакво оправдување, ниту пак причина да не се сменат работите кои продолжуваат да бидат катастрофални овие 7 години власт на ДУИ и СДС“, напиша во утринското соопштение ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ порачаа дека „во ДПМНЕ нема промена, ДПМНЕ е режимска партија, што се потврди со бруталното апсење на новинарот Фуркан Салиу. На сите им е јасно дека ова е обид за замолчување и заплашување, откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ.

На чело на СВР Скопје и ЕБР се новопоставени началници од страна на Тошковски. Значи началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ дале наредба за апсење на новинарот Салиу. ДПМНЕ само за 2 месеци покажа како мисли да ја практикува власта доколку ја добие, со сила“.

Македонски концепт во националистички манир порача дека инцидентот бил мотивиран од албанскиот етнички шовинизам. „Фуркан Салиу да престане да се сокрива зад неговата етничка припадност и да се соочи со законот, како секој граѓанин на државава, затоа што Албанците не се и нема да бидат ‘надграѓани’ во Република Македонија. Овие провокации на албански шовинисти во изборен процес се очекувани и истите нема да поминат. Промените доаѓаат и никој нема да ги сопре, најмалку луѓе со сомнително поведение“, порачуваат од партијата на Петар Богојески.