Фронт 21/42: И ЕУ бара зачувување на охридскиот регион

Невладината Фронт21/42, повикувајќи се на извештајот на ЕУ, оценува дека Брисел како и УНЕСКО бара поголема заштита и зачувување на Охридскиот регион.

-Зачувувањето на Охридскиот регион е де факто европско прашање: Охридското езеро е најстарото езеро на европскиот континент; на неговиот брег се развивала една од најстарите населби на европската цивилизација; регионот е едно од само 7 мешовити (природни и културни) наследства во Европа; итн. ЕУ има целосно право да направи се што е во нејзина моќ за да зачува едно од своите ретки природни и културни богатства.

Последниот извештај на Европската комисија за С. Македонија јасно ја покажува загриженоста на Брисел за највредното природно и културно богатство во земјава: „Преземени се неколку чекори за спроведување на заклучоците на УНЕСКО за природното и културното наследство на регионот на Охрид. Сепак, сè уште се потребни значителни напори, особено за да се спречи да се најде на листата на светско природно и културно наследство во опасност“, се вели во Извештајот. Дури и во дипломатскиот речник на ЕК може да се забележи разочарување од пристапот на држата кон светското наследство. И покрај сите обиди на власта да прикаже колку „сериозно е посветена на исполнувањето на препораките од УНЕСКО“, Брисел многу точно гледа „неколку чекори“ и укажува на потребата од „сериозни напори“.

Благодарни сме што Европската комисија го издвои зачувувањето на нашето најголемо природно и културно богатство како еден од проблемите на патот до членство во Унијата. Се надеваме дека во процесот на преговори лупата на ЕУ ќе се приближи уште поблиску до следење на реалните чекори на нашите институции. Посакуваме да е поинаку, да имаме власт и одговорни лица кои имаат свест за вредностите на светското наследство, знаење и мудрост како да го претворат зачувувањето и унапредувањето на тие вредности во економски развој, храброст за доследни и решителни акции. Посакуваме да имаме власт која е свесна за големината и тежината на одговорноста за предавање на едно уникатно светско богатство на идните жители на планетава – но, немаме. Охридскиот регион ги задоволува критериумите да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност (според извештаите на експертските тела за природа и култура на УНЕСКО) – ова е резултатот на одлуките на сите влади од 1991 до денес.

Сега е вистинскиот момент да погледнеме реално до каде сме со суштинско исполнување на препораките на УНЕСКО, да го вклучиме алармот и да ја принудиме власта да ја напушти политиката на лажни извештаи, празни чекори прикажани како активности, квази-реформи и внимателно скроени законски дупки. Членството во Европската унија е врвна стратешка определба на оваа Влада – во име на истото беше променет дури и Уставот на државата. Сега е време е да покаже дека на патот кон ЕУ е способна да ја промени сопствената политика кон Охридскиот регион и навистина сериозно да се посвети кон исполнување на препораките. Најпосле, Охридскиот регион е една од малкуте врвни вредности од глобално значење со кои (сеуште) располага нашата земја, а кои би имале некакво значење за клубот во кој сакаме да не примат.

Во 2017 мисијата на УНЕСКО ја класифицира ситуацијата со природното и културното наследство во Охридскиот регион како ранлива и критична и даде 19 препораки кои државата мора да ги исполни за да се спречи понатамошната деградација на Исклучителните Универзални Вредности (ИУВ) поради кои регионот ја носи титулата „светско наследство“.

За жал, во периодот од преку 3 години, од сите 19 препораки, досега суштински е исполнета само препораката Македонија да се откаже од ски-центар и автопат на НП Галичица. И ова со напомена дека во моментов се изготвува План за управување со НП Галичица и сè уште не можеме со сигурност да тврдиме дека некоја верзија на овој проект (или некој друг подеднакво апсурден) нема да се појави повторно.

Клучна алатка за зачувување на наследството и суштинско спроведување на препораките е ефективна законска регулатива. Претходниот собраниски состав (наводно) го препозна значењето на ефективен Закон за управување со Охридскиот регион, па во 2018 година, тогашната Комисија за култура организира надзорна расправа за законот, која резултира со серија значајни заклучоци. Ниту еден не се реализира.

И првата влада на Заев (наводно) ја увиде неопходноста од вистинско законско уредување на управувањето со регионот, па организира изработка на нов, ефикасен закон, во чие пишување учествувавме директно. Една година подоцна, во 2019, нашата делегација и соопшти на меѓународната заедница во Баку дека го усвоила новиот закон. За ова државата доби и признание во официјалната Одлука на Комитетот за светско наследство. Во суштина само беше утврден предлог-текст на законот од страна на Владата, истата која претходно ги избриша членовите кои уредуваа урбана и градежна инспекција – без знаење на експертите кои го пишуваа законот, јавноста која учествуваше во процесот на консултации и Центарот за светско наследство кој испрати свои коментари за официјално познатата верзија. Ова не успеа затоа што ја алармиравме јавноста, тие членови ги вратија, но тоа што не знаевме тогаш, а го дознавме набргу по Баку, е дека Владата изменила други членови – кои го уредуваа составот на Советот кој треба да управува со светското наследство и начинот на кој ќе носи одлуки (внесувајќи Бадентеров принцип во изборот на дел од членовите и во носењето одлуки). Со ова наместо експертите, пресуден глас во одлучувањето ќе добиеа членовите избрани врз основа на етничка припадност. Откако се обелодени верзијата која ја испратила во Собрание, под притисок на јавноста, истата „сериозно посветена Влада“ која организира пишување на нов закон (наводно) со цел ефикасно управување со регионот и спроведување на препораките, наместо да ја испрати официјалната верзија на усвојување, го повлече законот од собраниска процедура. Со нов закон затворен во фијока се усвоија серија празни одлуки и се спроведоа повеќе непостоечки активности.

Според нас, се додека не се усвои нов, ефективен, Закон за управување со Охридскиот регион, надлежните немаат намера да го зачуваат наследството, ниту созреана свест за неговото значење и вредност. Законот е најјасниот лакмус, стои во реакцијата на оваа организација.