Францускиот премиер Атал најави оставка


Габриел Атал

Францускиот премиер Габриел Атал изјави дека утре ќе поднесе оставка откако левичарската коалиција Нов народен фронт неочекувано победи на денешните парламентарни избори.

„Вечерва, ниеден од екстремите не обезбеди мнозинство и тоа е заслуга на францускиот дух. Сојузот „Заедно“ освои тројно повеќе пратеници од она што се предвидуваше, но немаме мнозинство. Затоа, утре ќе му ја предадам мојата оставка на претседателот Макрон“, изјави Атал, најмладиот премиер во историјата на земјата.

Макрон моментално ги анализира резултатите од изборите и ќе почека да добие целосна слика пред да ги донесе следните одлуки, кажаа од неговиот кабинет.

„Претседателството ќе ја почитува волјата на францускиот народ“, соопштија оттаму, додавајќи дека Макрон нема да се обраќа вечерва.

Лидерот од левичарската коалиција Нов народен фронт, Жан Лук Меланшон, кој води на парламентарните избори во Франција,  изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон мора да го признае поразот. Тој истакна дека „поразот на Макрон е дефинитивно потврден“, додавајќи дека францускиот премиер Габриел Атал мора да ја напушти функцијата, пренесува „Фигаро“.Француските известувачи сметаат дека Меланшон, кој важи за екстремен левичар, ќе биде истиснат од останатите партии во коалицијата и нема шанси тој да биде премиер.