Франција ќе предизвика „дипломатско цунами“ за Палестина


Во интервју за „Еурактив“, специјалниот советник на претседателот Емануел Макрон за Блискиот Исток, Офер Бронхтејн, нагласи дека Париз не е непријател на Израел, и покрај жестоката демонизација на планот за признавање на Палестина, бидејќи тој потег на крајот ќе ја зајакне безбедноста на Израел.

Бронхтејн, кој врши притисок врз Макрон да го преземе овој чекор од 2020 година, тврди дека потегот ќе ослободи „мало дипломатско цунами“ кое ќе ги охрабри другите земји да го следат. Тој додава дека признавањето ќе ја зајакне безбедноста на Израел, предупредувајќи дека неговата растечка изолација не е ниту во интерес на израелските граѓани, ниту на Евреите ширум светот. Сепак, критичарите во Израел возвраќаат дека неодамнешната објава на Макрон само го охрабрила Хамас и ги поткопала напорите за ослободување на преостанатите заложници што ги држела терористичката група.

Тој инаку е и поранешен советник на израелскиот премиер Јицак Рабин за време на мировните преговори во Осло и го сновал Меѓународниот форум за мир, кој се залага за поблиски врски меѓу Израелците и Палестинците.

Какви последици би можело да има признавањето на палестинска држава од страна на Франција?

 Бронхтајн: Ќе создаде моментум. Франција е голема сила, членка на Советот за безбедност на Обединетите нации и на Г7. Кога ќе се помести, ќе понесе со себе и други многу важни земји како што се Обединетото Кралство, Канада, Австралија, Белгија итн. Тоа е мало дипломатско цунами.

Го повикав Макрон да го направи овој чекор откако станав негов советник во 2020 година. Од суштинско значење е да се обезбеди безбедноста на Израел и неговото признавање од страна на арапските и муслиманските држави. Оваа војна мора да престане, повеќе нема смисла.

Зошто Макрон одлучи да признае палестинска држава сега? Дали неговата позиција еволуираше со текот на годините?

Бронхтајн: Макрон отсекогаш верувал во решението со две држави, како и сите француски претседатели пред него, од Франсоа Митеран преку Жак Ширак, Никола Саркози и Франсоа Оланд. Пред четири години, тој ми рече: „Ќе го направиме тоа навреме“. Ќе беше подобро да се признае Палестина пред 7 октомври. Но, подобро доцна отколку никогаш.

Успеав да го убедам дека ако имаше палестинска држава пред 7 октомври, нападите на Хамас врз Израел немаше да се случат. Бидејќи со суверенитетот доаѓа одговорност. И покрај сите свои слабости, Палестинската самоуправа се стреми да ги заштити своите граѓани. Хамас, пак, е терористичка организација која ги тера луѓето од Газа на линијата на израелскиот оган. Многу држави го гледаа 7 октомври со ужас и се солидаризираат со заложниците земени од Хамас. Но, многумина се и шокирани од катастрофалната ситуација што сега владее во Газа. Израел станува изолиран. И мислам дека тоа не е ниту корисно за израелските граѓани ниту за Евреите низ целиот свет.

Вие сте во Израел две недели обидувајќи се да го објасните францускиот пристап. Како се прима?

Бронхтајн: Многу лошо. Комуникациската машина поставена од премиерот Бенјамин Нетанјаху се обидува да ги натера луѓето да веруваат дека признавањето на палестинска држава ќе го зголеми антисемитизмот и дека тоа ќе биде награда за Хамас. Тоа е, се разбира, сосема лажно. Хамас не сака палестинска држава, сака да изгради калифат. Затоа има многу демонизација на ставот на Франција и на Макрон. Јас самиот добив смртна закана.

Сепак, Франција не е непријател на Израел, дури и ако политички не се согласува со неговите лидери. Многу израелски граѓани се убедени во тоа. И јас го организирав интервјуто на Макрон емитувано на израелската телевизија на 18 септември затоа што понекогаш дипломатските канали не се доволни; мора да се зборува директно со народот.

Како може да се стави крај на војната?

Бронхтајн: Признавањето на палестинска држава ќе значи дека Израел повеќе не напаѓа само територија со неодреден статус, туку призната држава – слично на она што го направи Русија во Украина. Ако Израел продолжи во својата војна, меѓународните санкции ќе се интензивираат, што апсолутно сакам да го избегнам.Се надевам дека израелската влада ќе сфати дека оваа војна стана војна за одмазда и дека им штети на сите. (Еурактив)