Франција го казни Гугл со 220 милиони евра
Француската Агенција за заштита на конкуренцијата соопшти дека американската ИТ компанија Гугл неправедно ги упатувала компаниите кон своите услуги и ја дискриминирала конкуренцијата.
Американскиот технолошки гигант Гугл е казнет со 220 милиони евра (267 милиони долари) во Франција за злоупотреба на пазарната позиција во индустријата за онлајн рекламирање.
Гугл се согласи да ја плати казната и да запре некои практики на давање предност на своите услуги, се вели во соопштението на регулаторот, објави Си Ен Би Си.
Изабел де Силва, претседателката на француската Управа за конкуренција, истакна дека истрагата открила процеси со кои Гугл се фаворизирал себеси во однос на конкурентите – и на рекламните сервери и на платформите за странски понуди, кои се делови од софтвер што издавачите го користат за управување, продажба и оптимизација на простор за рекламирање на нивните веб-страници и мобилни апликации.