Франција ги повлече амбасадорите во САД и Австралија поради подморниците
Одлуката „е оправдана со исклучителната тежина“ на ситуацијата, изјави францускиот министер за надворешни работи
Франција ги отповика своите амбасадори во САД и Австралија како одговор на нивниот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и поништениот договор за подморници вреден десетици милијарди евра, кој Париз го имаше потпишано со Канбера.
„На барање на претседателот на Републиката, решив веднаш да ги повикам на консултации нашите амбасадори во САД и Австралија“, рече францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.
„Оваа исклучителна одлука е оправдана со исклучителната тежина на соопштенијата дадени на 15 септември од Австралија и Соединетите Држави“, се додава во соопштението.
САД, Австралија и Обединетото Кралство во средата објавија значаен пакт што ќе овозможи соработка во воената технологија, но исто така, Австралија го откажа договорот вреден повеќе од 50 милијарди евра со француската поморска група за изградба на флота подморници, потег што Ле Дриан го нарече „убод во грбот“.
Иако Австралија го откажа договорот, најголемиот дел од францускиот гнев беше директно насочен кон САД.
„Американскиот избор да го отфрли европскиот сојузник и партнер како Франција … покажува недостаток на кохерентност за која Франција може само да забележи и да жали“, се вели во заедничката изјава на министерката за одбрана Флоренс Парли и Ле Дриан, која беше првиот официјален одговор на Франција.
Француската амбасада во Вашингтон, исто така, го откажа во знак на протест приемот што го организираше во петокот, по повод 240-годишнината од битката во Чесапик, во чест на француската поморска победа над британската флота за време на Американската револуција.
Ле Дриан во понеделник ќе престојува во Њујорк за да учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.