Франција, Белгија и Нов Зеланд се подготвуваат денеска да ја признаат Палестина

За време на денешната Конференција на ОН во Њујорк неколку земји планираат формално да признаат палестинска држава, што се организира пред годишниот собир на светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации, јави ДПА.
Францускиот претседател Емануел Макрон е домаќин на конференцијата на ОН заедно со Саудиска Арабија, која започнува во 15 часот (19 часот по Гринич), за да го промовира решението за две држави.
Покрај Франција, Белгија и Нов Зеланд објавија или посочија планови за признавање на Палестина и покрај жестокото противење на Израел, пренесува ДПА.
Велика Британија, Канада и Австралија овој чекор го направија вчера, станувајќи првите големи западни економии што ја признаа палестинската државност. На денешната конференција исто така свои говори ќе имаат и британскиот премиер Кир Стармер и канадскиот премиер Марк Карни, најавува германската агенција.
Земјите учеснички имаат за цел да ги одржат живи надежите за дипломатско решение што предвидува палестинска држава покрај Израел.
Критичарите предупредуваат дека притисокот врз Израел може дополнително да ги ескалира тензиите.
Израел и неговиот сојузник, САД, ја бојкотираат конференцијата. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ќе присуствува како поддржувач на решението за две држави, иако Берлин моментално се спротивставува на формалното признавање на Палестина.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ќе учествува преку видео врска откако администрацијата на Трамп му одби виза, потсетува ДПА.
Годишната Генерална дебата на ОН започнува утре, на неа се очекува да присуствуваат околу 150 шефови на држави и влади.