„Фрајле“ со нов состав – им се придружи Славица Љујиќ, а замина Наташа Михајловиќ


Фото: Андреја Дамјановиќ

По 17 години успешна кариера, бројни хитови и концерти ширум регионот, Фрајле влегуваат во ново поглавје од својата музичка приказна. Бендот продолжува понатаму со освежен состав и нова енергија, но со истата љубов кон музиката и публиката која ги следи од самиот почеток.

Во овој период дојде и до промена во составот на бендот – Наташа Михајловиќ привремено се повлекува од Фрајле за да се посвети на својот авторски труд, а на нејзино место доаѓа уметницата, актерка и пејачка Славица Љујиќ.

Славица Љујиќ (Фото: Андреја Дамјановиќ)

Славица Љујиќ, актерка која публиката веќе ја познава од домашните телевизиски серии како „Игра судбине“ и „Ургентни центар“, како и од популарниот хумористичен интернет проект „Цаца и Уки“, носи нова енергија во составот на Фрајле. Нејзината повеќеслојна уметничка кариера, која опфаќа глума, пишување и сценски настап, природно се вклопува во автентичниот уметнички израз на бендот.

„Најважен ни е човечкиот фактор, бидејќи отсекогаш сме биле тим и семејство. Од љубов го создадовме сето ова и од љубов продолжуваме понатаму. Оваа промена за нас е нов почеток и нова енергија“, порачуваат Фрајле Невена и Јелена.

Новата постава веќе од почетокот на март започнува со снимања на емисии, гостувања и концерти, а публиката наскоро ја очекуваат и нови песни. Фрајле веќе работат во студио на нов сингл, кој авторски го потпишува Невена, а во подготовка е и специјална регионална соработка со една голема музичка ѕвезда.

Исто така, на 16 март Фрајле ќе настапат во Сава Центар на хуманитарниот концерт „За ангелите“.

Покрај концертите и новите изданија, бендот продолжува да развива и други проекти – од Едукативниот центар Фрајла, преку работилници за глас, сценски настап и јавно говорење, до нови креативни проекти, меѓу кои е и проектот „Фрајле Боем“.

Боемската турнеја започна со концерт во Концертната сала „Лисински“ во Загреб, каде Фрајле добија и специјално признание од издавачката куќа Croatia Records за „Исклучителен придонес во музичката уметност и регионалната дискографија“.

Турнејата продолжува во текот на целата година, а наскоро ќе биде објавена и листа на нови градови во кои публиката ќе има можност да ги слушне во новиот состав.

„Енергијата ни е како на почетокот на кариерата, но сега на едно поинакво ниво. Сè уште ја имаме истата страст кон музиката, концертите и публиката – и додека срцето така чука, знаеме дека сме на вистинскиот пат“, велат Фрајле.