(Фото+видео) Вандал уништи инвентар во штипско основно училиште – наставата е во прекин
Смарт табли, класични табли, компјутери и друг инвентар, уништени се во основно училиште во Штип, а на ѕидовите и на училишниот мебел со спреј се испишани недолични пораки, поради што денеска наставата е во прекин.
Според директорот, вандалскиот чин го извршило едно лице, што, додава, е утврдено од безбедносните камери во училиштето. Најголемиот дел од штетата е направен на катовите, каде што се одвива настава за учениците од петто до деветто одделение, додека во приземјето не е регистрирано значително оштетување
Поради вандализам во штипското основно училиште „Ванчо Прќе“ денеска не се одржува редовна настава за над 1.100 ученици, соопшти директорот на оваа образовна установа, Кокан Радев.
Според него, непознато лице во текот на ноќта влегло во училиштето и направило значителна материјална штета во кабинетите за предметна настава, при што се уништени смарт табли, класични табли, компјутери и друг инвентар, а на ѕидовите и на училишниот мебел со спреј се испишани недолични пораки.

Вандалот, како што изјави директорот на училиштето, користел и остар предмет при оштетувањето на дел од просториите.
„Станува збор за голема материјална штета во кабинетите за предметна настава. Единствено не е оштетен кабинетот по хемија бидејќи бил заклучен“, изјави Радев.
Според безбедносните камери, вели директорот, лицето влегло околу полноќ од страната на фискултурната сала, по што се движело низ повеќе училишни простории.
„Штетата е нанесена во поголемиот дел од кабинетите каде се изведува предметна настава. На ѕидови, клупи и табли се испишани содржини со спреј. Се работи за сериозна материјална штета“, рече тој.
Со спреј е испрскана и една од камерите во училиштето, но, како што вели, продолжила да снима во текот на обидите за нејзино онеспособување.
Директорот Радев најави дека во наредните денови ќе се санира дел од уништената опрема и ќе се адаптираат кабинетите, со цел од понеделник да продолжи редовното одржување на наставата.
Според него, за сите детали учениците и нивните родители навремено ќе бидат информирани.
Од утрово полициски екипи вршат увид во училиштето.
Ова се смета за прв ваков инцидент во најголемото централно основно училиште во Штип.
ТВ Стар на својот фејсбук-профил објави видео на кое се гледа дел од уништениот инвентар во училиштето: