(Фото) Чудо се случи во Филхармонија: Незаборавен концерт на Рамбо Амадеус и ЗЏМ


 

Вистинска алхемија – вака звучеа композициите на Рамбо Амадеус, еден од најлуцидните музичари од просторите на екс-Југославија во комбинација со биг бендот на Здружението на џез музичари, под диригентската палка на Џијан Емин вчеравечер во преполната сала на Македонската филхармонија. Комбинацијата на класични џез аранжмани со провокативните нумери и текстови на Антоније Пушиќ, како што е вистинското име на „Рамбо царе“, беа вистински погодок за музичките сладокусци и оние за кои музиката не е само звук, туку и однос кон општествените (не)прилики.

Концертот беше најавен како „Чудо на Балканот“, но различните стилски определби на Рамбо и на ЗЏМ не беа пречка „чудото“ да се пренесе и на целиот настап. 

„Моите песни се покажаа пророчки, затоа веќе не ја изведувам ‘Мотел Чернобил“, а песната ја симнав и од мојот јутјуб канал“, рече Рамбо Амадеус во најава на една друга песна („Бетон“) како критика за безмилосната урбанизација.

На мета на Рамбо Амадеус се шундот, турбофолкот, малограѓанштината, политичарите…

„Денеска не се дрогираат само музичарите, туку и политичарите“, порача тој.

Во негов стил, рече дека концертот се одржува во елитна сала, со елитни музичари, па и публиката мора да е елитна. Не криејќи го задоволството од она што со себе го донесоа извонредните џезисти и нивните соло делници кои добија вистински овации од публиката, Рамбо Амадеус порача: „Вие треба да се нарекувате Музичка Република Македонија“.

Публиката уживаше во композициите на Рамбо Амадеус и во неговите духовити досетки, но и во извонредните аранжмани и на музицирањето на ЗЏМ Биг бендот.

Беа изведени петнаесетина легендарни композиции кои го опфаќаат периодот на целокупното творештво на Рамбо во изминатите 30 години. Аранжмани за Биг бенд на селектирани песни од Рамбо Амадеус за концертот направија Гордан Спасовски, Владимир Николов, Сашко Николовски, Дамир Имери, Иван Петровски, Владимир Ботев, Џијан Емин, Трајче Велков.

Сѐ на сѐ, ова беше музичка вечер која ќе остане во сеќавање на сите оние кои беа во Филхармонија. (M.J.)