Сиљановска-Давкова во посета на повредените: „Ова е страшно, верувам дека повеќето ќе се спасат“

Претседателката ги посети трите медицински центри во Скопје – „Свети Наум Охридски“, „8 Септември“ и Клиничкиот центар каде посети дел од повредените во утринскиот страотен пожар во кочанската дискотека „Пулс“.
Сиљановска-Давкова вели дека соседни земји, како Бугарија и Србија, понудиле помош за да ги примат пациентите со најсериозни изгореници. Таа, низ солзи, изрази неверување околу настанот.
„Знам дека се тоа млади и храбри луѓе, ова е страшно… Верувам дека повеќето ќе се спасат, лекарите работат, не можам да сфатам како нешто вакво може да се случи. Некои од пациентите се контактибилни. Што можам да споделам со родителите? Прво надеж, а па потоа ја разбирам болката, но млади луѓе се тоа ќе издржат… Но, не можам да поверувам како се случило ова, од пиротехнички средства… Тоа мора однапред да се предвиди бидејќи не е прв пат да се соочиме со вакво нешто“, рече Сиљановска-Давкова.
Беше прашана – имаме информации дека веќе не постои Центарот за изгореници, дали вие знаете за тоа?
„Не. Не знам, не сум лекарка. Ова што овде го видов ми изгледа многу стручно. Некои од нив и контактираа, не знам за Центарот, ќе прашам сега“, одговори шефицата на државата.
Таа рече дека веќе се јавиле од ссоседните земји – Србија и Бугарија и понудиле помош.
„Се јавија од Воено-медицинската академија, спремни се и да ги носат луѓето таму доколку има потреба. Лекарите велат дека денеска требало да се почека. Господинот Радев прв се јави, имаат специјална клиника за изгореници, специјална возила, крв, имаат се… Само чекаат да ги земат, таму да ги однесеме“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа наместо да ги прозива одговорните, изјави дека се надева оти „младите ќе научеле лекција“.
„Знам дека тоа се млади храбри луѓе, верувам дека повеќето од нив ќе се спасат, лекарите се тука. Ќе научат една лекција во животот“, изјави Сиљановска-Давкова.