Форбс: Урсула фон дер Лајен е најмоќната жена во 2025

Листата, која се објавува по 22-ри пат, е направена врз основа на четири главни критериуми - пари, медиуми, влијание и сфера на влијание


Фото: Б. Грданоски

Њујорк – Листата на 100 најмоќни жени во 2025 година од американското списание Форбс  ја рангира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прво место.

Уредничкиот одбор наведува дека таа е првата жена на таа позиција, одговорна за законодавство кое влијае на повеќе од 450 милиони Европејци.

На второто место на листата е претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, а на третото е јапонската премиерка Санае Такаичи, која е и првата жена на таа позиција.

На четвртото место е италијанската премиерка Џорџи Мелони, на петтото е мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, а во првите 10 се извршната директорка на Џенерал Моторс, Марија Бара, и извршната директорка на Сити, Џејн Фрејзер.

Магазинот, исто така, ги вклучи извршната потпретседателка и финансиска директорка на „Мајкрософт“, Ејми Худ, директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, претседателката и оперативна директорка на „Спејс Екс“, Гвин Шотвел, поп-пејачката Тејлор Свифт и министерката за финансии и корпоративни работи на Индија, Нирмала Ситараман.

На листата се наоѓаат и медиумската личност Опра Винфри, копретседателката на „Волт Дизни“, Дана Волден, британската министерка за финансии, Рејчел Ривс, извршната директорка на кинеската компанија JD.com, Сенди Ран Су, претседателката на њујоршката берза, Лин Мартин, извршната директорка на „Водафон“, Маргерита Дела Вале и главната директорка за содржини на „Нетфликс“, Бела Бачарија.

Меѓу 100-те најмоќни жени се и извршната директорка на „Фокс њуз“, Сузан Скот, финансиската директорка на „Дојче Фокс груп“, Мелани Крајс, јавната личност и претприемачка Ким Кардашијан, премиерката на Конго, Џудит Суминва Тулука, Мете Фредериксен од Данска и Миа Мотли од Барбадос.

Последното место на листата го зазедоа хероините од анимираната серија во копродукција на Netflix и Sony Records „KPop Demon Hunters“, направена за женскиот бенд K-Pop (HUNTR/X), кој до декември 2025 година беше прегледан повеќе од 325 милиони пати и стана најпопуларниот филм на Netflix досега.

Листата, која се објавува по 22-ри пат, е направена врз основа на четири главни критериуми – пари, медиуми, влијание и сфера на влијание. Вклучени се жени од областите на политиката, финансиите, медиумите, забавата, претприемништвото, а исто така се вклучени и 17 жени кои претходно не беа на листата.