Финска има најсреќни луѓе на светот, Македонија е на 86. место

Финска осма година по ред е прогласена за земја со најсреќно население во светот, според Светскиот извештај за среќа објавен денеска по повод Меѓународниот ден на среќата, пренесе Асошиетед прес.
Авторите на извештајот, подготвен во партнерство со агенцијата за истражување Галуп, Оксфордскиот центар за истражување на благосостојбата и Мрежата за решенија за одржлив развој на ОН, го анализираа периодот помеѓу 2022 и 2024 година
Како и минатата година, сите скандинавски земји се во Топ 10. Финска е на врвот, а по неа се Данска, Исланд и Шведска. Норвешка е на седмото место.
Холандија се врати во првите пет, додека Костарика (шесто место) и Мексико (десетто) за првпат влегоа во Топ 10.
Германија се искачи од 24. на 22. место, додека САД паднаа за една позиција на 24. место – нивниот најлош ранг досега.
Оваа година Македонија е на 86. место, лани беше на 84, а во 2023 на 87. Годинешната оценка за македонија е 5,503 од можни 10.
Бугарија е на 85. место. Зад Македонија од регионот единствено e Албанија на 89.
За многумина изгледа изненадувачки, но Косово е насреќна нација во регионот – тоа е на 29. место. По него е Србија на 31., па Босна и Херцеговина на 56. и Црна Гора на 71.
Рангирањето вклучува 147 земји, а Авганистан е на последното место.
Финците, од кои беше побарано да го оценат својот живот, дадоа просечна оценка од 7,736 (од 10), додека просечната оценка на Авганистанците беше 1.364.
Истражувачите на среќата идентификуваа голем број клучни фактори кои генерално ги прават луѓето посреќни. При составувањето на рејтингот се земени предвид индикаторите како БДП по глава на жител, ниво на социјална поддршка, животен век, почитување на граѓанските слободи, безбедност на работното место, слобода во областа на здравството, ниво на корупција и други.
Авторите на извештајот открија дека верувањето во добрината на другите е многу потесно поврзано со среќата отколку што се мислеше.
Во извештајот се наведува и дека овогодинешните резултати уште еднаш ја потврдуваат основната вистина – среќата е вкоренета во довербата, добрината и социјалната поврзаност.
„Човечката среќа е одредена од нашите односи со другите. Инвестирањето во позитивни социјални врски и ангажирањето во добронамерни акции се поврзани со поголема среќа“, вели Лара Акнин, професор по социјална психологија на Универзитетот Сајмон Фрејзер.
Светскиот извештај за среќа е објавен од 2012 година на иницијатива на Генералното собрание на ОН. Рангирањето се заснова на просечни показатели собрани во период од три години. Објавувањето на рангирањето се совпаѓа со Меѓународниот ден на среќата, кој се одбележува на 20 март.