Филмска рецензија на „После сè“ – Реалноста нагризува, љубовта надвладува


„После сè“ во режија на Џени Кејџ, со Хироу Фајнс Тифин, Жозефин Лангфорд, Селма Блер, Џенифер Билс и Питер Галагер

Овој филм ја пополнува големата празнина која настана во последните неколку години, заради отсуството на романтичните продукции. Додека постарите генерации се сеќаваат дека во нивната младост најгледани биле таканаречените љубовни филмчиња, сега никаде од нив ни трага ни глас. Истражувањата на големите студија правилно покажуваат дека интересот кон романтичните продукции е сведен на минимум. Ова се должи на глобализацијата. Едноставно новите технологии го сменија начинот на преживување. Сè се смени нагло и сè почна да се случува премногу брзо. Не е претенциозно да се каже дека културолошки новите генерации се попрво предаторски вообличени отколку романтично. Едноставно, просторот за емоциите е премногу стеснет. Психолозите од своја страна правилно предупредуваат на фаталната манипулативна моќ на емоциите. Секој мора многу да се грижи за својот опстанок, опасностите демнат на секој чекор. Со реалната, неразубавена визија на светот на сегашноста во кој мораме да се бориме за опстанок започнува оваа продукција. Ова е една убедлива, природна љубовна приказна, изнедрена од совршената едноставност каква што можеше да ја развие само американскиот филм. Општата култура во САД не се базира на илузии или идеализам туку на смело загледување во сировата реалност. При развивањето на сценариово се применува (донекаде) пристапот на фузија, а тоа е спојување на две или повеќе предлошки. Тие предлошки во случајов се од класичната литература, онаа англиската – опфатена со двата автора: Џејн Остин и Томас Харди. Би рекол дека сепак Остин доминира, иако има многу од горчливиот егзистенцијализам на Харди. Сценариото вешто развива една постмодернистичка иронија на вљубените, кои се студенти на еден колеџ и имаат развиен афинитет кон литературата. Така тие речиси започнуваат да ги играат ликовите кои ги читаат. Овој пристап на приказна во приказна е многу пати до сега искористен. Непретенциозноста на овој концепт му нуди на гледачот пријатност на следењето на дејствието, без разлика дали тоа се одвива во засмрдените од марихуана студентски соби, во неприкосновено заводливите буржоаски живеалишта или во раскошните зазеленети природни амбиенти со бујна вегетација. Уште на почетокот гледачот е воведен во свет во кој реалматеријализмот ги поткаструва крилцата на оние кои би сакале да летаат многу високо. Реалноста нагризува, но и покрај сè љубовта го пронаоѓа својот пат. Во овој контекст би укажал и дека општо земено авторите на ваквите продукции (при ова мислам и на костимираните драми), често пренебрегнуваат еден автор од овој ранг кој е особено квалитетен. Тоа е Џорџ Мередит кај кој сатирата, а не романтиката го има последниот збор. Имено, кај овој автор особено исцрпно се раскрива лажниот сјај на високото општество. Во неговата проза се гледа дека всушност вистинската љубов или пријателствата не постојат. Зашто тие се потиснати од материјалниот интерес, без кој, да бидеме реални, ништо не би можело да биде остварено. Особено не емоционалноста. Така овој автор ни вели – убаво е да се сака, ама кога се може. При ова Мередит е можеби единствениот реалист кој не се плашел дека со претставување на сировата реалност би можел да ја изгуби публиката. Младата Жозефин Лангфорд даде една неверојатно примамлива интерпретација во духот на американската свежина која е секогаш задолжително придружена со индивидуалност и разборитост, кои секогаш ги надвладуваат егоизмот и недостоинственоста. Така оваа љубовна приказна секнува во моментот кога ќе се изгуби достоинственоста која е жртва на порокот. А американската култура е токму онаа која најжестоко ги негира пороците. Исто така младиот Хироу Фајнс Тифин толкуваше лик кој е застранет од јасниот пат. Со слоевитоста на својата актерска игра, при што во оптимизмот внесуваше мрачност, покажа потенцијал и за најтешките предизвици.

Игор Поп Трајков