Филиповски контра Николоски: Имам успешен бизнис, треба ли да се срамам?


Kога ВМРО – ДПМНЕ нема понуда, нема кандидат кој поминува на терен, измислуваат лаги за мојата фамилија и моето работно искуство. Јас сум горд на 14 годишно  работно искуство во приватниот сектор. Признавам, политиката не ми е сѐ во животот. Научен сум да работам, да управувам компанија со 120 вработени луѓе, каде што сите се еднакво вреднувани. Да, коосновач сум и на Sherpa Horse Riding – пример за успешен бизнис, кој ја зголемува туристичката понуда на Галичник и Македонија.
И од ова треба да се срамам?- реагираше преку Фејсбук кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром, Александар Филиповски, порачувајќи дека е подготвен тоа искуство да го вложи во развој на Аеродром.
 

Претходно Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека кандидатите на СДСМ на овие избори се деца на транзициски олигарси и богаташи.

-Значи, тоа се деца на оние кои што ја покрадоа Македонија во темната приватизација од 1991/92 до 1997/98 година, рече Николоски и како пример го посочи Филиповски кој син и внук Благоја и Илија Филиповски кои, според него, биле главни во приватизацијата и затворањето на фабрики во Македонија.

-Беа првите двајца кои  изградија хациенди на Водно надвор од она што комунистите го поделија на функционерите. И беа синоним за таа транзиција која што се случуваше тогаш.Во исто време фирмата која што е во нивна сопственост „Техно Комерц“ има добиено 15 милиони евра тендери од 2017 –та до 2021 година и тоа од Владата на Зоран Заев.  Значи син на олигархијата која што остави 300.000 луѓе без работа во Македонија сега се натпреварува за Аеродром, обвини Николоски.

Николоски додаде дека тука е и синот на еден од двајцата директори кои го пропаднале„Жито Лукс“, сега како кандидат за Бутел и синот на Зоре Темелковски које кандидат за Кисела Вода. Според него, пописот во 2002 година, што го нарече наместен, бил со потпис на Дончо Герасимовски, татко на актуелниот кандидат за градоначалник на Центар.