Филипче: Загрозен Вториот пензиски столб – нема пари во буџетот па ќе се трошат заштедите?
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конферениција нагласи дека изјавите на Мицкоски за вториот пензиски столб отворија сериозна загриженост кај граѓаните кои со години издвојуваат средства за својата пензиска иднина.
Филипче, предупреди дека контрадикторните ставови на премиерот создаваат неизвесност и страв кај и побара власта да одговори дали е загрозен Вториот пензиски столб и дали поради немање пари во буџетот ќе се трошат заштедите.
„Многу луѓе се исплашени и загрижени од изјавата на премиерот во која тој изјави дека многу луѓе ќе бидат разочарани од тоа што ќе донесе Вториот пензиски столб. Тој дури изјави дека му било и жал што воопшто столбот бил воведен. Мицкоски во 2024 година рече дека пензискиот систем е стабилен и дека дупката во Фондот за пензиско осигурување ќе постои сè додека вториот столб не почне посилно да исплаќа пензии, а сега кажува дека не знае што ќе донесе, што ќе донесат резултатите од уплатите во вториот пензиски столб“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, посочи дека ваквите изјави дополнително ги вознемируваат граѓаните кои своите средства ги уплаќаат во вториот пензиски столб со очекување дека тие ќе им обезбедат сигурност во пензионерските денови.
„Граѓаните ко ишто ги уплаќаат парите таму, сега се во една голема неизвесност и се поставува прашањето дали премиерот има намера преку државните механизми да интервенира во тој буџет во кој што луѓето си уплаќаат за да имаат доволно пари за деновите, годините во пензија и на тој начин да го оштети. Значи луѓето се исплашени дали воопшто сега ќе ги добијат тие пари назад и што точно се крие зад изјавата на премиерот“, рече Филипче.
Тој додаде дека наместо сигурност и грижа за пензионерите и идните пензионери, власта испраќа пораки што ја поткопуваат довербата во системот и внесуваат дополнителна несигурност кај граѓаните.
„Тоа е уште еден многу тежок удар врз граѓаните. Дали воопшто оваа власт и премиерот се грижат за оваа категорија на граѓани и дали ќе си дозволат да им ја одземат надежта на луѓето дека ќе имаат мирни пензионерски години. Сите овие политики, лажни ветувања, префрлање на товарот врз обичниот граѓанин е огромна штета којашто се нанесува врз стотици илјади пензионери“, рече Филипче.
И пензискиот фонд е ставен во ризик
Тој се осврна и на состојбите во пензискиот фонд при што рече дека како што буџетот тоне, така очигледно дека и пензискиот фонд е ставен во ризик, откако дојде оваа власт дупката повторно се зголемува и сега надминува 40%.
Филипче посочи дека за време на владите предводени од СДСМ дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување бил значително намален, додека сега повторно расте.
„Кога владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 2017 година го затекна фондот со дефицит од 50%, тој дефицит постепено се намалуваше со цел да биде сѐ повеќе и повеќе стабилен и да може да исплаќа пензии. Дефицитот од 50% се намали на 30% со еден стабилен систем. Откако дојде оваа власт во 2024 година дупката повторно се зголемува и сега надминува 40%“, рече Филипче.
Тој нагласи дека сегашната состојба значи дека речиси половина од средствата потребни за исплата на пензиите недостасуваат.
„Значи 40% од парите фалат и се надокнадуваат од централниот буџет за да може актуелните пензионери да примаат пензии“, истакна Филипче.
Наместо стабилизирање на пензискиот систем, Владата создава дополнителна несигурност кај сегашните и идните пензионери.
„Луѓето се исплашени дали воопшто сега ќе ги добијат тие пари назад и што точно се крие зад изјавата на премиерот. Тоа е уште еден многу тежок удар врз граѓаните“, рече Филипче.
Тој порача дека пензионерите заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а државата мора да обезбеди стабилен пензиски систем наместо да ги доведува во прашање нивните стекнати права и заштеди.