Филипче: Со АстраЗенека нема да се вакцинираат помлади од 60 години
Вакцината на АстраЗенека во земјава нема да се препорачува на лица под 60 години. За оние кои се вакцинираа во Србија изминатите недели, за втората доза ќе се чекаат нови препораки или ќе се вакцинираат со други вакцини, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
„По евалуацијата на сите несакани ефекти во форма на тромботични ефекти посебно кај млади луѓе, се излезе со две препораки – првата е дека тие несакани тромботични ефекти треба да влезат во упатството на самата вакцина и второ дека секоја држава треба да заземе став во однос на тоа како ќе се користи вакцината. Согласно тоа, по утринските консултации донесовме став вакцината Астра Зенека во нашата земја да не се дава на помлади лица од 60 години“, изјави министерот Филипче.
Тој оцени дека процесот на вакцинација во спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одвива одлично.
„Денеска се вакцинираат дел од здравствените работници и наставничките од прво до трето одделение. Утрово имавме консултација со членовите на работната група за имунизација, со повеќе директори на клиники во врска и со местата во болниците и со некои други актуелни прашања“, изјави Филипче.
Во врска со местата за хоспитализација, рече дека сосема доволен број кревети има во Скопје и ширум државата и веќе од вчера не се чувствува тој притисок како што беше до вчерашниот односно завчерашниот ден.
„Се надевам дека нема да има некакво изненадување. Значи веќе има слободни кревети на Интерните клиники, каде досега беше најголемиот притисок. Се уште има голем број хоспитализирани и за жал се уште има и голем број пациенти кои се во тешка клиничка форма на болеста за кои се преземаат сите мерки и на интензивно и друга форма на болничко лекување“, посочи Филипче.