Филипче: СДСМ ќе опстои и повторно ќе биде победничка
Екс министерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче денеска ја поднесува кандидатурата за лидер на СДСМ. Тој во изјава за медиумите порача дека со кандидатурата, поднесува и програма.
-Овој ден означува почеток на реформа и на промена во партијата. Во програмата се напишани постулатите според кои ќе работам, доколку бидам избран за претседател,а тоа е посветено, професионално, со целата моја енергија и знаење. Програмата се темели на информации, сугести и барања што ги слушнав од големиот број на наши членови со кои имав чести средби во изминатите месеци, вели Филипче.
Порача дека во трката влегува сам и секој кој што ќе биде избран за претседател тимот да го направи по изборот. Вели дека нема никакви преговори со никого.
-Резултатите ќе ги видат многу рано и ниту еден член на партијата нема да остане настрана или да не биде исконтактиран. На тие кои ќе бидат дел од тимот, можам да им ветам само многу работа. Сметам дека направив програма која излезе од барањата на членовите. Ги разбрав и внесов во програмата се што бараат – отвореност, транспарентност, достапност, а јас имам таков терк на работа, кажа Филипче во изјава за медиумите.
-Сметам дека изборните резултати ја клекнаа партијата на колена. СДСМ ќе опстои и повторно ќе биде победничка партија. Тоа што имам одлични релации со Зоран Заев, пред се говори за мене. Имам одлични релации и со останатите претходни претседатели на партијата и со други претходни функционери. Сите добри релации се всушност од еден од предусловите обединувањето да се случи многу брзо, додаде поранешниот прв човек на ресорот здравство.
Кој сè претендира за лидерската позиција во СДСМ ќе се знае на крајот од неделава. Постапката за кандидирање трае до четврток, а засега својата кандидатура освен Филипче и првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски ја потврди и поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска. Таа денеска ќе ја достави програмата „Манифест за социјалдемократијата“ најавувајќи дека ќе ја врати загубената идеологија и дека повторно ќе ја воспостави комуникацијата со членството, кое ќе добие и примарна улога во одлучувањето.
Таа, ако не стане претседател, е подготвена да изјави дека нема да прифати некоја од другите позиции, како на пример потпретседател, како што бара јавно Деспотовски. Со вистинска прагматична агенда, тврди, СДСМ може да се врати многу брзо, особено, како што рече, ако го има вистинскиот концепт, кој се темели на социјалдемократијата и кога се обединуваат вистинските социјалдемократи.
– Како иден лидер, ако сум јас тоа, би ги повикала сите кандидати да му се приклучат во новото раководство. Тоа е легитимно и тоа не значи пазарење. Тоа значи чекор кон обезбедување на единството во партијата. Ако не станам претседател на СДСМ, ќе останам да бидам само пратеник во Собранието – рече Петровска.