Филипче планира да формира стратешки совет во СДСМ


 

Кандидатите за претседател на СДСМ ги образложуваат своите програми во вантрепартиската кампања. Венко Филипче во својата програма предвидува во врвот на партијата да активира искусни политичари и експерти, поранешни високи функционери во СДСМ кои на дневна основа ќе ги следат политичките случувања и навремено ќе реагираат.

Тој планира СДСМ да има совет за политика и стратегија, секретар за односи со општинските и месните комитети, комисија за етика и одговорност, секторски комисии, како и промена на начинот на внатрепартиските избори за општински раководства. Ќе има и совет на ветерани составен од искусни политичари на СДСМ, кој ќе служи како советодавен одбор на претседателот.

„Советот за политика и стратегија ќе се состои од политичари, експерти и надворешни соработници кои на дневна основа ќе ги анализираат политичките состојби и ќе креираат стратегии и политики за партијата. Советот ќе биде задолжен да го контролира идеолошкиот развој и позиции на партијата и да ги усогласува политиките на социјалдемократските принципи“, наведува Филипче во својата објава.

Тој наведувадека советот ќе игра клучна улога во зајакнување на кохезијата во партијата и обединување на сите струи и крила.

Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани за 30 јуни. Право на глас имаат сите членови на партијата со активно членство и со избор помеѓу четири кандидати – Венко Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски.