Филипче од Гостивар: Национализмот на ВМРО-ДПМНЕ ја дели државата

„Овој град знае дека силата е во заедништвото, не во поделбите,“ порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче на митинг во Гостивар. Во своето обраќање, тој остро ги критикуваше политиките на власта, обвинувајќи ја дека намерно го разединува народот за да ја сокрие сопствената неспособност.
„Тие што денес владеат се обидуваат да не разделат – со лаги, со поделби, со национализам што треба да ја прикрие нивната неспособност“, рече Филипче.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила најважната лекција од историјата – дека заедништвото е силата на оваа земја. „Нивната политика е политика на поделби, на дестабилизација, на навреди. Политика која секогаш завршува со тензии во општеството“, потенцираше тој.
Филипче го истакна Гостивар како симбол на соживот, достоинство и почит меѓу луѓето и најави дека токму од тука ќе започне обновата на вредностите кои, како што рече, биле системски разорени.
Додека премиерот Мицкоски зборува за некакви економски успеси, дупката во Буџетот се продлабочува, јавниот долг расте, граѓаните стануваат сѐ посиромашни, рече Филипче.
„Реалноста е дека буџетот е во дупка од 1,4 милијарди евра, приходите заостануваат, а капиталните инвестиции се помалку од половина реализирани. Се задолжуваат без покритие, јавниот долг достигнува над 62 отсто од бруто домашниот производ, највисоко ниво во регионот, а странските инвестиции скоро и да ги нема.
Минималната плата и натаму е една од најниските во регионот, пензионерите добија помалку од ветеното – само 1.000 денари, студентите не го добија бараното зголемување од 130 денари за студентски оброк, ваучерите од 250 евра ги нема, а над 1.000 студенти останаа без студентски оброк. Земјоделците во Полог останаа без поддршка – субвенциите се намалени, откупните цени паднати, а трудот обезвреден“, рече Филипче.
На трибината во Маврово и Ростуше, Филипче нагласи дека денешната порака на Венецијанската комисија е јасна – потребни се итни реформи за независно судство.
„Денеска стигна известувањето од Венецијанската комисија и јасно укажуваат дека се потребни реформи во правосудниот систем. Пред неколку месеци се обидов да ја променам политичката култура и бев на состанок кај премиерот. Една од работите за коишто разговарав беше заеднички да работиме на реформистката агенда, да ги донесеме сите реформски закони во правосудството, за да се придвижи тој сегмент напред. И покрај тоа што формиравме наш експертски тим, нашите забелешки за реформските закони никој не ги зема предвид. Одговор од Министерството за правда, до сега немаме. Ниту еден од 12 закони кои се дел од реформската агенда, не само што не се донесени во Собрание, тие до ден денес не се ни поднесени“, рече Филипче.