Филипче најави предлог закони за намалување на цените на горивата и храната


Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција најави дека ќе поднесе предлог-закони со кои ќе се намалат акцизите на горивата, ДДВ-то на основните прехранбени производи и преполовување на цената на патарините.

Тој упати апел власта да ги прифати законските решенија со цел, како што рече,  да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните да се намалат цените на горивата и на храната.

Според него, треба да се свикаат итни владини седници за донесување мерки кои би им помогнале на граѓаните да ја надминат кризата.

– Тука растат цените не само на горивата, туку и на сите прехранбени продукти од час во час, а ќе расте цената и на струјата и на сè друго. Единствено што не растат се платите, рече Филипче.

Тој обвини дека Владата не работи на реформи и уставни измени, туку дека создавала намерни конфликти и ширела лаги за бугарска завера.

– И тоа е еден веќе виден стар, добар рецепт за да се задржи власта, а притоа жртвувајќи ја иднината на државата и на граѓаните. Зборува за спроведени реформи, се поставува прашањето за кои реформи кога ниту еден закон од областа на правосудството минатата година од реформската агенда не беше донесен. Само еден во кој што се направени измени кои се спротивни на препораките на Оценската мисија. Дали ќе зборува за тој закон, донесен спротивно на препораките на Европската Унија. Да преведам, ако некој не разбрал премиерот работи на изолација на државата, нагласи Филипче.

Упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски кој ќе понесе одговорност доколку државата остане надвор од Европската Унија, забележувајќи дека власта наместо да ја спроведува реформската агенда и да ги исполни обврските за напредок кон Унијата,  свесно создавала поделби и тензии за да го задржи политичкиот рејтинг.

– Граѓаните јасно кажуваат во сите испитувања на јавните мислења, над 70 отсто сакаат да станеме земја членка на Европската Унија. Колку не чини ова што сега не се отвораат преговорите со Европската Унија. Пресметал ли некој во Владата колкава сума пари ќе стигнат тука кога ќе се отворат пристапните фондови, во сите сектори согласно отворањето на поглавјата. Колку финансиски средства во огромен процент и како грантови ќе стигнат до нашите граѓани, каков што бенефит видоа граѓаните на сите земји членки кои што пристапија во Европската Унија и постари и поновите, рече Филипче.