Филипче: Лажеа пред првиот круг, но веќе не можат – глас за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ


Венко Филипче на митингот во Неготино

 

По нападите на ЗНАМ спрема СДСМ во изминатиов период социјалдемократите отидоа во контранапад велејќи дека отцепените од нивната партија се здружиле со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го направи и Венко Филипче (носителот на листата  за ИЕ 3) на митингот во Неготино.

„Нека не ве лажат кога ви кажуваат дека глас за ЗНАМ е глас за социјалдемократска партија. Или дека пак тоа не е против СДСМ. Така лажеа пред првиот круг, така веќе не можат да лажат. Последниве два дена паднаа маските и станува јасно дека глас за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче.

Како и другите сдсмовски првенци и тој изјави дека партијата ја примила пораката од првиот круг на претседателските избори и дека не верува оти некој сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ без контрола.

Според него, нема дилема дека СДСМ е исправен пред најголемиот предизвик од неговото основање.

„Ќе имаме време за тоа да анализираме каде сме грешеле, и кој бил виновен за лошиот резултат. Ќе имаме време да ги менуваме работите и да ја градиме одново довербата кај граѓаните. Тоа мора да го започнеме првиот ден после изборите. Но, сега пред вториот круг, и на денот кога ќе се бираат пратеници, мора да се мобилизираме“, рече Филипче.

„Свесни сме дека кај народот има разочараност, граѓаните се уморни чекајќи го клучот за Европа, дадовме многу, а ни се бара уште. Но, СДСМ секогаш гледа подалеку од дневно политичките интереси“, истакна Филипче.

Тој додаде дека СДСМ има обврска да ја продолжи борбата и да ја задржи земјата на курсот на промените. „Ако сега се откажеме од борба, тоа е уништување на иднината за многу генерации“, смета Филипче.