Филипче ги претстави новите политики: Крај на „предаторскиот капитализам“
Новата програма на СДСМ предвидува повеќе пари и достоинство за граѓаните. Филипче најави кратење на работната недела од сегашните пет работни дена на четири
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја престави денес на брифинг новата програма на СДСМ што ќе биде ставена на јавна дебата, со намера до јуни да биде усвоена и официјализирана. Ако може да се извади една поента од неа, таа би била враќање на малку социјализам во, како што го нарече, „предаторскиот капитализам“ што владее сега во Македонија.
Притоа, Филипче наброја повеќе лепливи мерки кои досега не успеваа пред налетот на реалноста во државата, од практично воведување на прогресивен данок (данок на луксуз и на вишок), четиридневна работна недела, враќањето на приоритетот на државното здравство, создавање услови за нула корупција, крај на партискиот грабеж на општествениот имот, енергетска независност, интелигентно образование, земјоделство што нема да опстојува на евтини растенија, екопатриотизам место еко криминал, спорт според талентите, а не според партиски врски или пари на родителите, ветинг во судството и обвинителството, пакети помош за младите, крај на трошењето на работната сила со договори за работа и од еден месец, и слично.
Првата точка е „Дом за сите“, со која планираат промена на станбената политика, од една страна, и развојната политика, од друга, првиот дом да биде без данок, данокот на промет да се укине до 35 години за да може младите да го купат својот прв дом.
„Македонските градови се празни, тие се без луѓе, има сè повеќе станови, а сè помалку домови. Просторот е за живеење, домот треба да е спокоен. Решението е во целосна промена на парадигмата преку интеграција на станбената политика, од една страна, и развојната политика, од друга. Нашите предлог-чекори се прв дом без данок – целосно се укинува данокот на промет на сите до 35 години, кои купуваат свој прв дом. Понатаму, покрив над главата со 1%, зелени и модерни згради, итен фонд за покриви и фасади и клуч на рака за млади, како и праведни даноци“, рече Филипче.
„Инфлација на алчноста“
Потоа тој предупреди на „згрозувачка инфлација на алчноста“.
„Додека работникот едвај врзува крај со крај, големите корпорацији и банките бројат рекордни профити среде криза. Имаме европски цени во маркетите, а плати што ја држат државата на дното на Европа. Власта свесно замижува пред тој неправеден систем, каде профитот се изнесува надвор од земјата, наместо да заврши во џебот на граѓаните. Пензионерите кои ја градеа оваа држава се оставени на маргините, гледајќи како нивните пензии секој месец губат во трката со цените и платите“, ја опиша Филипче ситуацијата во државата.
Затоа, рече тој, ние нудиме не само бројки, туку нов социјалден договор.
„Економијата е за луѓето, не за газдите. Прво, платите горе, понатаму пензии што растат, стоп за профитерите, македонски пари дома и крај на пазарниот терор“, најави Филипче.
Мерката предвидува пораст на платите на работниците и 50% поголеми пензии. Ако профитот на фирмата расте, рече тој, мора да расте и платата на работникот. Државата веќе нема да биде само нем набљудувач, туку партнер кој ги наградува фер компаниите, а ги казнува оние што профитираат на туѓа мака. Така, државата ќе го намалува својот даночен дел на фирмите што ги качуваат платите и наместо во буџетот, парите да завршуваат директно кај работникот. Пензијата ќе следи во чекор ако поскапи храната или пораснат платите, со што веднаш же добиваат повеќе и пензионерите. „Гарантираме 50 отсто раст за сите пензии по само еден мандат“, рече Филипче.
Притоа тој изнесе и интересни констатации. Според оценките во програмата што ја презентираше, даночниот систем во државата е неправеден и буџетот главно се полни од ДДВ. Затоа се планира намалување на данокот, како што рече, на чесниот труд, а ќе се оданочува повеќе луксузот и вишокот. За меѓукултурните односи рече дека „етничките бариери станале сега ѕидови“, поради што најави мешани паралелки во училиштата, поддршка за двојазични медиумски и културни содржини…
Корупцијата е избор на елитите
Околу владеењето на правото тој рече дека правдата е заробена од корумпирани луѓе во државата и дека криминалците шетаат слободно, со порака дека корупцијата кај нас не е грешка на системот – туку е избор на елитите. За справување со тоа тој најави ветинг во правосудството, откако претходно оцени дека јавното добро во државата е партиски киднапирано, дека е мета на вистински грабеж и дека, меѓудругото, со оперативен фронт со Европското обвинителство, со дигитализацијата и со алгоритамското следење на текот на парите ќе се работи на нула корупција во државата.
Тој најави и реформи во безбедносниот сектор, од АРМ, МВР до агенциите за разузнување со цел да се стави крај на нивното партизирање, за што ќе се воспостави како што рече „оперативен филтер за професионалци“. За надворешната политика рече дека ќе почива на вредносен реализам место на трансакцискиот мултилатерализам што владее сега, и во тој контекст најави крај на дефанзивната политика и професионализација на дипломатијата. „Стратешки ќе бидеме со САД а вредносно со демократските земји“, најави лидерот на СДСМ.
Практично немаше сфера каде што програмата немаше катастрофална оценка за состојбата и каде што не се предлага драстична промена. Па, така во секторот на енергетиката Филипче оцени дека сме заложници на увозот на енергенси, а државните енергетски компании се жртви на прекумерна партизација, поради што во програмата се предлага целосна енергетска автономија, панели на секоја државна институција или објект, а Македонија да биде газда на сопствената енергија.
„Ги тргаме политичарите од енергетските компании, со струјата ќе управуваат врвни професионалци, а не партиски послушници кои ги трошат народните пари. Наместо енергетиката да биде прашање на национален суверенитет, државните компании се жртва на прекумерна политизација и партиско кадрирање. Наместо енергетиката да биде прашање на национален суверенитет, државните компании се жртва на прекумерна политизација и партиско кадрирање. Крај на партиските фирми, ги тргаме политичарите од енергетските компании, со струјата ќе управуваат врвни професионалци, а не партиски послушници кои ги трошат народните пари. Обезбедуваме енергетска каса, приклучок веднаш и Македонија сопствен газда на сопствената енергија“, рече Филипче.
Тој укажа дека енергетската зависност е сериозен проблем, што ја прави државата ранлива на надворешни геополитички влијанија и најави дека во новата предлог програма СДСМ предвидува мерки за зголемување на домашното производство на енергија.
„Енергетската зависност на земјава е сериозен проблем кој нѐ удира по џебот сите, без исклучок. Ние сме заложници на скапиот увоз на енергенси што ја прави државата исклучително ранлива на надворешни геополитички влијанија и ненадејни ценовни шокови. Ќе обезбедиме енергетски суверенитет, но и зелена правда, бидејќи вистинската автономија на една земја доаѓа само преку сопствено и паметно производство на енергија -панели на секоја државна зграда и високи субвенции за секој дом“, рече Филипче.
Скратена работна недела
Како најбомбастично, тој најави кратење на работната недела од сегашните пет работни дена на четири, со што човекот се става пред профитот, а целта е достоинствен живот за работниците.
„Станавме нација со најдолг работен циклус. Нација која е најпреработена, најисцрпена и соочена со масовен ‘burn out’. Луѓе работат преку авторски договори или со т.н лажно самовработување. Затоа е потребна гарантирана сигурност и извесност на работните места. По една година трајна работа, ставаме крај на договорите на месец дена. По најмногу 12 месеци секој привремен ангажман станува траен. Еднакви права имаат сите. Секој ден се брои во стаж, крај за агенциски вработувања и синдикатот е твој штит“, рече Филипче.
Столбот за „Скратена работна недела“ предвидува и други мерки како скратено работно време за повозорасните работници, лицата со попреченост и оние во процес на закрепнување, субвенции за сите компании кои ќе тестираат скратена работна недела и друго.
За образованието оцени дека градинките се претворени во места за чување на децата, а училиштата во фабрики за давање дипломи, додека за земјоделството рече дека е премногу заглавено во минатото, па планираат Македонија да се претвори во модерна агролабораторија на Европа, место да се произведуваат евтини билки. Државата, истакна тој, сточарството го третира како статистичка грешка, па поисплатливо е сега да се биде прекупец на месо отколку да се произведува, поради што најави мерки што ќе го сменат тој анахронизам.
За екологијата рече дека се свела на екокриминал замаскиран во т.н. инвестиции, а за ранливите групи оцени дека се загрозени место заштитени и дека македонското општество станало сурово кон нив. Најави економска помош за самохрани родители и нова политика што генерално што ја нарече „сојуз за достоинство“.
Тој предупреди и на организиран обид за општествена деградација со намерно ширење страв и дезинформации поради што најави политика на создавање психолошка сигурност и држава во која ќе доминира вистината, а не пропагандата која штити туѓи интереси.
За да се вратат младите кои, според него, бегаат од системската неправда, најави повеќе мерки, од почнување бизнис без данок за тие до 30 години, 10.000 евра поддршка за секој што ќе се врати дома по образување во странство, софтвер за анонимно вработување во јавната администрација, регулиран статус на дигиталните работници кои сега земаат плати, но не им се плаќаат осигурувањата за онлајн работа.