Филипче бара Бугарија и ЕУ да ја осудат изјавата на Костадинов


Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара официјална Софија да реагира и јасно и недвосмислено да се огради, а Европската Унија да ја осуди изјавата на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, кој рече дека е сосема логично Македонија да се припои кон Бугарија.

Нарекувајќи ја иредентистичка, Филипче во реакцијата објавена на својот фејсбук-профил ја осудува изјавата на Костадинов и додава дека со неа, лидерот на Преродба го поткопува суверенитетот и достоинството на земјава и го негира посебниот македонски етнички идентитет. Тоа, како што додава, е директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската Унија.

„Повикувам и очекувам официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство. Ја повикувам Европската Унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ“, вели Филипче.

Изрази очекување Владата итно да соопшти конкретни мерки на ваквите, како што рече, иредентистички изјави и активности, и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.

Лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, денеска во објава на Фејсбук изјави дека нема ништо пологично од припојување на Македонија кон Бугарија со оглед на тоа што, како што рече:

„Нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ, како Бугарија и Македонија, да се обединат и да станат една држава“.