За Мицкоски извештајот на ЕК за владеењето на правото бил најдобар до сега: „Ќе продолжам со критики за правосудството, пари нема да добијат“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обиде да ги релативизира оцените на Европската комисија за владеењето на правото во Македонија објавени вчера, при што наспроти констатациите за мешањето и притисокот врз правосудството од страна на политичари и институции, тој рече дека ќе продолжи со критики и со барање да се испорачаат резултати, како и дека судството нема да добие повеќе пари, што исто така се нотира во извештајот на ЕК. Според Мицкоски, овој извештај за владеењето на правот во Македонија бил најдобар од досегашните во изминатите три години.
„Од сите споредено претходно, овој е најдобар за нас како земја. Дали е одличен? Не е одличен“, изјави Мицкоски.
Тој потоа, наспроти констатациите во извештајот практично потврди дека не го прифаќа она што го констатира ЕК.
„Пари повеќе нема да добијат. Пари нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле. Затоа што очекуваме дека правдата ќе ја донесат. Она коешто ние го овозможивме со овие измени е фактот дека сè што побараа во делот на вработувања, самостојност и така натаму, сè добија. Едноставно, пари повеќе нема. Ако некој мисли дека на овој начин ќе врши притисок врз Владата, нема тоа Владата да го прифати. Бидејќи независноста со пари не се обезбедува, туку се обезбедува со работа. Со работа, а не со допишување на работни саати и така натаму, дежурства и проценти“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Дебрца.
Тој исто така го релативизираше извештајот и оцените во него велејќи бил најдобар во последните три години како и дека станува збор за редовен извештај што го објавува ЕК за сите земји членки, а последните три години е и за дел од кандидатите. Станува збор за 2023, 24-та и 25-та година. Од кандидатите се анализирани четири земји, тоа се Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија. Мицкоски истакна дека во него има пофалби, констатирани политики коишто испорачуваат, но и критики, што го сублимираше на следниот начин:
„Во него е констатиран притисок од страна на политичари кон судството. Кога зборуваме судството, мислиме и на обвинителството и на судството. Тоа е едно. Второ – имаме исто така констатиран факт дека требало повеќе пари да има за обвинителите и судиите. И трето – е критика за самите обвинители и судии, што е контрадикторно на втората забелешка. Така што, контрадикторни се тие два заклучока. Од една страна велат судскиот систем не испорачува, од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат. Ете, вака накратко, тоа е мојот коментар, нагласи Мицкоски.
Тој истакна дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да испорачаат правда, а граѓаните, вели, се самите се тие коишто констатираат дека немаме испорака на задоволително ниво од страна на правосудниот систем и тоа е општо позната констатација.
„Јас ќе продолжам во таа насока да испраќам пораки. Со сета политичка одговорност и ризик коишто ги имам, да, ќе продолжам сè додека не видиме напредок во испораката на правдата, нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Дебрца.
Инаку, во извештајот на ЕК објавен вчера, меѓу другот се вели дека „мешањето и притисокот од другите државни гранки продолжува да предизвикува сериозни загрижености во врска со почитувањето на судската независност“, како и дека „независноста на судството и автономијата на обвинителството се поткопани од недоволна буџетска распределба“. Исто така се нотира и дека постапката за разрешување на главниот обвинител открила ризик од политизација и недостатоци во правилата за разрешување.
Избраните функционери и владини претставници ги засилија своите лични критики против судиите и обвинителите што ги обвинуваат за корупција, а беа дадени и изјави од највисоките нивоа на Владата за планови за чистење на судството и обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта. Покрај тоа, судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок од јавни кампањи за оцрнување, и онлајн и преку медиумите, во кои се вклучени високи извршни функционери и политичари, стои во извештајот.