Филипче: 28-годишна девојка добила тромботичен ефект откако се вакцинирала со АстраЗенека во Србија


Фото: Б. Грданоски

Девојка на возраст од 28 години од Македонија која пред шест – седум дена се вакцинирала во Србија со вакцината АстраЗенека е хоспитализирана вчера поради тромботичен ефект, изјави денес министерот за здравство Венко Филипче.

Тој додаде дека немало претходни заболувања кај неа, а проблемите се појавиле после шест до седум дена од нејзиното вакцинирање.

Филипче рече дека вакцинирањето засега се одвива без проблем, а состојбата со вакцинацијата со АстраЗенека ќе мора да се следи со голема претпазливост.

По вчерашните информации како став на Германија и Канада со оглед на тоа што имаше пријавени случаи на тромбоза на лица под 55 години односно 60 години, посочи, одлучивме да бидеме внимателни и да одиме полека, но сигурно.

„Ќе чекаме потврда дека вакцината е безбедна. Сакаме да бидеме претпазливи, денеска имаме закажано состаноци со МАЛМЕ, а ако треба ќе се обратиме до Европската агенција за лекови. Има ситуации каде вакцината Астра Зенека предизвикува тромботична реакција кај млади луѓе“, рече министерот Филипче додавајќи дека иако се ретки, треба да се биде претпазливи.

„Засега нема препораки дека нешто превентивно треба да се прави, станува збор за ретки случаи“, истакна министерот Филипче.

Многу е тешко, посочи министерот, да се каже дали има некоја точна временска рамка во која нешто може да се очекува.

„Веќе денеска од Германија има и други најави дека ќе се продолжи со вакцинацијата, но после консултација со лекар, но затоа сакаме да бидеме претпазливи. Станува збор за исклучително мал број случаи некаде од еден на 120.000 до еден на милион. Но, повторно ќе кажам иско се ретки ние сакаме да бидеме многу претплазливи“, рече Филипче.

Имајќи предвид дека еден дел од граѓаните се вакцинираше во Србија во изминатиот период, појасни, засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се прави ако некој примил една доза на вакцината на Астра Зенека.

„Сепак станува збор за многу ретки случаи. Во однос на ревакцината, сите граѓани кои се вакцинирани ќе бидат ревакцинирани согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период. Значи ќе започнеме со оние други категории граѓани за што веќе ги собираме податоците тогаш кога ќе бидеме сигурни дека вакцинацијата со оваа вакцина може да продолжи и кај помлади луѓе. Имајќи го се ова предвид и ставовите на овие сериозни агенции за лекови, Германија и Канада ќе бидеме внимателни и ќе видиме во која насока ќе продолжиме“, истакна Филипче.

Потенцира дека верува оти ќе се потврди уште еднаш дека бенефитот од вакцината во смисла на тоа ризикот да се заболи од тешка форма на Ковид е многу поголем од ризикот да се добие некаква таква компликација.

„Нема да избрзаме, ги чекаме сите препораки од официјалните институции вклучително можеби и некаква препорака од производителот“, додаде Филипче.