Филип Морис ги зголемува инвестициите во Тутунски комбинат Прилеп
Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Њујорк се сретна со извршниот директор на Филип Морис, Јацек Олчак, на која, како што информираат, било оценето дека Република Северна Македонија се развива во држава со атрактивна клима за инвестирање, по интеграцијата во НАТО и отворените перспективи за полноправно членство во ЕУ во динамичен процес, што обезбедуваат еден од клучните услови на инвеститорите, стабилна и предвидлива инвестициска клима.
На средбата, било разговарано и за значајните инвестиции на компанијата Филип Морис во Тутунскиот комбинат АД Прилеп, во рамки на стратешкото партнерство на светски познатата компанија и комбинатот, при што е формирана заедничката компанија Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп (ФМТКП). Истакнато, било и значењето на зголемените инвестиции на Филип Морис во модернизацијата на производството во Комбинатот, со што е отпочнато производство на зголемен број брендови од портфолиото на Филип Морис Интернешнл.
При тоа, од јули годинава е започнат и извоз на брендовите коишто покрај во земјава, сега се пласираат и во Ерменија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, а се очекува проширување на извозот и во Европската Унија.
На состанокот, информираат од владината прес-служба, било разговарано и за планираните нови инвестиции во фотоволтаици. И е истакнато значењето на споделените знаења и експертизи. Со сето тоа, добивките на компанијата Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп се зголемуваат и конкретно се четирикратно зголемени во однос на 2019 и 2020 година.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за придонесот на Филип Морис Интернешнл во развојот на една од најстарите компании во нашата држава, Тутунски комбинат АД Прилеп, којашто годинава одбележува голем јубилеј – 150 години постоење.
-Успешната работа на Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп е значајна придобивка и во развојот на македонската економија и силна порака до странските инвеститори за поволната инвестициска клима во нашата држава, оценил Ковачевски.
На средбата, како што информираат, било разговарано и околу можности за натамошно унапредување на соработката.