Фицо упати сериозни обвинувања кон Зеленски: Се обиде да ме поткупи со 500 милиони евра


Словачкиот премиер Роберт Фицо го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека му понудил 500 милиони евра за Братислава да го поддржи влезот на Украина во НАТО.
Фицо нагласи дека Словачка би можела да размисли за „реципрочни мерки“ откако Украина одби да го продолжи договорот за транзит на руски гас, кој истекува на крајот на оваа година. Украинската страна како причина го наведе тековниот конфликт, што предизвика загриженост во Словачка, која се потпира на транзитот на руски гас преку украинска територија.

Фицо посочи дека се потребни алтернативни решенија за да се избегне евентуална гасна криза. Истовремено, тој оцени дека предлозите на Киев за решавање на овој проблем се „апсурдни“.

За време на разговорот со украинскиот лидер, Фицо тврди дека Зеленски му понудил дел од замрзнатите руски средства на Запад во замена за глас за членство на Украина во НАТО. Фицо, како што вели, веднаш ја одбил понудата, нагласувајќи дека поканата на Украина за НАТО во моментов не е реална.

„Моето мислење за членството на Украина во НАТО е јасно и добро познато. Бев изненаден што дури и се постави такво прашање“, рече Фицо.

Украинскиот опозициски пратеник Артјом Дмитрук исто така ги коментираше обвинувањата, тврдејќи дека Зеленски ја „посрамил“ Украина обидувајќи се да го поткупи словачкиот премиер.

Францускиот весник Монд претходно објави дека неколку земји од НАТО, вклучувајќи ги САД, Германија, Унгарија и Словенија, во моментов не го поддржуваат членството на Украина во Алијансата.