„Фиат“ ќе произведува само електрични автомобили


Дo крајот на оваа деценија „Фиат“ ќе произведува само електрични модели автомобили, потврди извршниот директор Оливие Франсоа.

„Го истражуваме подрачјето на одржлива мобилност за се: ова е нашиот најголем проект. Меѓу 2025 и 2030 година нашата линија производи постепено ќе станува само електрична. Тоа ќе биде радикална промена за „Фиат““, наведе Франсоа во соопштението.

Неговото соопштение упатено е пред Светскиот ден на заштита на животната средина, кој се одбележува денеска.

Пред нешто повеќе од една година „Фиат“ го претстави својот нов, потполно електричен „500е“ модел, а Франсоа наведе дека во финалната фаза е и развојот на спортските електрични везии „Абарт“ за „500е“, пренесе Кликс.

Оваа најава е поврзана со состанокот кој Франсоа го имаше со архитектот Стефан Боери, можеби најпознат по резиденцијалните кули „Боско Вертикале“ во Милано, прекриени со дрвја и растенија.

Тие двајца разговараа за потребата од итни промени во урбаните предели за кои Боери вели дека се одговорни за 70 отсто од глобалните емисии на CO2.

„Наша должност е што побрзо на пазарот да имаме понуда на електрични возила кои не чинат повеќе од оние со мотор на внатрешно согорување, а во согласност со падот на трошоците за батеријата“, рече Франсоа.

Покрај тоа, Франсоа исто така, рече дека познатата покривна патека на старата фабрика на „Фиат“ Лингото во Торино наскоро ќе добие зелена трансформација во вид на висечки градини со 28.000 садници.