ФБИ: Нема поврзаност меѓу терористичкиот напад во Њу Орлеанс и експлозијата на возило на Тесла во Лас Вегас


Федералното биро за истраги (ФБИ) засега не гледа дефинитивна поврзаност меѓу терористичкиот напад во Њу Орлеанс и екслозијата на возило на Тесла пред Трамп хотелот во Лас Вегас.

-Во овој момент нема дефинитивна врска меѓу нападот овде и оној во Лас Вегас, изјави Кристофер Раја, заменик помошник на директорот на контраразузнавачкиот оддел на ФБИ.

Безбедносните служби во САД ги истражуваат  двата инциденти како терористички чинови и меѓу нив најдоа неколку чудни сличности.

Двата инцидента се случија токму на Нова година, со временска разлика од неколку часови. И во двата случаи употребени се возила изнајмени преку апликацијата Туро, додека инволвираните лица служеле во армијата на САД.

Во случајот во Лас Вегас  загина едно лице  кое во моменот на екслозијата седело во Сајбертрак, футуристичко возило на Тесла што се запали и експлодираше пред Трамп хотелот во Лас Вегас. Уште две лица биле полесно повредени.

Армијата на САД денеска го идентификуваше возачот на Сајбертракот како постар водник Алан Ливелсбергер од Колорадо Спрингс, сојузна држава Колорадо. Тој бил во активна служба од 2012 година, станал кандидат за Зелените беректи откако служел во Националната гарда.

Напаѓачот во Њу Орлеанс, кој прегази толпа луѓе со пикап камион при што загинаа најмалку 14 лица а околу дваесетина се повредени, е веќе идентификуван и се работи за американскиот државјанин Шамсуд-Дин Џабар, воен ветеран од Тексас.

Сомнежите се дека тој работел самостојно и дека како инспирација за нападот е терористичката група „Исламска држава“.