Фатено лицето што го скрши стаклото на бугарската амбасада во Скопје


Денеска, во 12,40 часот на ул. „Кирил и Методиј“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар го лишија од слобода Ш.А. (54) од Скопје, затоа што вчера (11.01.2026) го оштети стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
 
Веднаш по добиената пријава, беа преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот и Ш.А. е лишен од слобода, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
 
Непознато лице во неделата на 11 јануари ја вандализираше зградата на амбасадата на Бугарија, која се наоѓа во центарот на Скопје, и ја искршило влезната врата. Најверојатно со удар со рака. Искршената врата е покажана на фотографиите што ги објави министерството за надворешни работи на Бугарија проследени со остра реакција, нарекувајќи го овој чин како напад на самата држава Бугарија.
 
Во соопштението на Софија се вели:
 
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро го осудува овој чин врз зградата на бугарската надворешна мисија во Македонија – симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија.

Ова е неприфатлив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Министерството за надворешни работи изразува длабока загриженост што ваковиот чин е резултат на систематскиот недостаток на реакција од страна на надлежните институции на Република Северна Македонија на претходните напади и акти на вандализам врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница.

Оваа институционална пасивност, во комбинација со толерираниот, па дури и поттикнат говор на омраза против Бугарија и Бугарите кај нашиот сосед, создаде средина во која ваквите кривични дела се охрабруваат и ескалираат“.

Понатаму се додава дека Софија очекува надлежните македонски власти да го идентификуваат сторителот и да го изведата пред лицето на правдата, како и да ја гарантираат безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и нивниот имот.

„Република Бугарија очекува институциите во Република Северна Македонија јасно и недвосмислено да се дистанцираат од говорот на омраза, ефикасно да се спротивстават на ваквите злосторства, целно да работат на создавање фундаментално поинаков јавен наратив за односите со Бугарија и безусловно да ги исполнат своите меѓународни обврски.Министерството за надворешни работи ќе продолжи внимателно да го следи развојот на случајот и го задржува правото да преземе дополнителни мерки за заштита на бугарските интереси“.

Македонското Министерство за надворешни работи го осуди инцидентот, додека од Министерството за внатрешни работи информираа дека инцидентот бил забележан преку видео-надзорот на амбасадата, при што службеник за безбедност пријавил дека едно лице оштетило стакло на влезната врата на објектот. 

Министерот  Тимчо Муцунски, остро го осуди инцидентот оценувајќи дека станува збор за изолиран настан, на кој институциите реагирале навремено и ефикасно.

„Секој чин во таква форма ќе го осудиме. Според првичните информации, станува збор за изолиран инцидент, создадена е некоја материјална штета која не е во огромен обем. Без разлика на тоа, го осудуваме максимално инцидентот. Министерството за внатрешни работи дава максимум за истрагата. Оттаму треба да побарате информации. Институционално, има брз и ефикасен одговор“, изјави Муцунски.

Тој нагласи дека државата не може да превенира секој поединечен кривично-правен настан, но дека одговорноста на институциите е јасна и недвосмислена.

„Да, се работи за инцидент кој го осудуваме, но ние не можеме да го контролираме секој кривично-правен настан. Нашиот одговор е веднаш да го осудиме настанот, а институциите да го расветлат случајот“, додаде министерот.