„Фајнанс тинк“: Македонската економија во најдлабока рецесија во вториот квартал


Од овој истражувачки економски институт, засега, ја задржуваат проекцијата за пад на БДП во 2020 на -3,8 отсто, како и во третиот квартал од 2020 на -4,7 отсто

 

Затварањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на коронавирусот Ковид-19 ја предизвика најдлабоката индуцирана рецесија на Македонската економија, пришто БДП во вториот квартал од 2020 се намали за 12,7 отсто, се вели во Макроекономскиот монитор за вториот квартал годинава на „Фајнанс тинк“.

„Ова намалување целосно се совпаѓа со проекцијата на Finance Think од 11 април 2020. На производната страна, падот е најголем кај индустријата (-25,3 отсто) и трговијата, транспортот и угостителството (-23,4 отсто), при што индустријата и транспортот се намалија главно поради ограничената меѓународна трговија и отежнатото движење, додека трговијата и угостителството страдаа од наметнатото затворање и воздржаност од потрошувачка на неесенцијални добра и услуги“, се вели во анализата.

На расходната страна, ефектот од индуцираната контракција и ограниченото движење е видлив кај падовите на извозот (-25,6 отсто), увозот (-31,3 отсто) и инвестициите (-29,6 отссто), а падот на потрошувачката е поблаг (-12,7 отсто), ссе додава во анализата.

Невработеноста во вториот квартал од 2020 се зголеми за првпат по 15 години, на 16,7 отсто од претходните 16,2 отсто.

Сепак, како што нагласуваат од „Фајнас тинк“, растот е значајно помал споредено со контракцијата на економијата, главно затоа што ударот на кризата беше пресретнат со владините мерки – главно мерката за субвенционирање на платите во износ од 14.500 денари по работник, која вклучуваше одредба за задржување на истиот број работници за време на користењето на мерката и два месеца по нејзиниот престанок. Помеѓу двата квартала, најмногу работни места, 12.000 или 24,2 отсто, се изгубени во дејноста транспорт и складирање.

„Во моментот, Finance Think ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на -3,8 отсто, како и во третиот квартал од 2020 на -4,7 отсто“, велат од овој истражувачки економски институт.

Но, како што наглассувааат, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата предизвикана од Ковид-19.

„Особено, овие проекции се изградени врз претпоставките дека економијата нема повторно да се затвори при евентуален нов удар од Ковид-19 есента 2020, како и дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на 2021“, се вели во Макроекономскиот монитор за вториот квартал годинава на „Фајнанс тинк“.