Фабриката за секундарно селектирање отпад крај Прилеп готова – ѝ фали уште струја


Денеска во Прилеп бепе амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Сулстром, кој заедно со  претставници од амбасадата од шведската асоцијација SALAR како и работната група од Општина Прилеп, ја посети фабриката за селекција на отпад кај Алинци, проект со кој Прилеп станува пример во Македонија.

– Горди сме што Прилеп денес се препознава како лидер во Македонија во селекцијата и современото управување со отпад. Тоа е резултат на континуирана работа, визија и силна соработка со меѓународните партнери – вели градоначалникот Дејан Проданоски.

Како што истакна и амбасадорот Сулстром, Прилеп и Пелагонискиот регион се водечки сили во земјата во рамките на овој проект, и токму затоа продолжуваме заеднички да делуваме за унапредување на системот за управување со отпад и пренесување на добрите практики низ целата држава.

Паралелно, интензивно се работи на реализација на регионалната депонија во Новаци, во чии рамки е предвидена и изградба на претоварна станица овде во Прилеп, во непосредна близина на фабриката за селекција. Таа ќе овозможи отпадот од повеќе општини ефикасно да се транспортира до регионалната депонија, значаен чекор кон модерен и одржлив систем.

– Сакам да ја информирам прилепската јавност дека веќе утре се очекува пристигнување на уште едно од вкупно осумте нови возила за јавното комунално претпријатие „Комуналец“, преку Министерството за животна средина и просторно планирање.Во моментов работиме и на обезбедување на електрично напојување до фабриката. Не сакам да давам рокови, но сигурен сум дека сме блиску до моментот кога фабриката ќе биде ставена во функција -додава Проданоски.

Со нејзиното пуштање во употреба, не само што ќе се задоволат потребите на Прилеп, туку ќе се овозможат и комерцијални услуги за селекција на отпад за соседните општини.