Евровизиската песна „Here I stand“ ќе биде промовирана на 11 март (видео)
Годинава Евровизија ќе се организира според усвоени протоколи за заштита од ковид 19, што подразбира настан со присуство на делегациите во Ротердам, но со примена на социјална дистанца, чести тестирања во арената, и редуциран капацитет на публика
„Here I stand“, евровизиската песна со којашто македонскиот претставник Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија во мај во Ротердам, заедно ќе со видео клипот ќе биде промовирана на 11 март.
Песната е работена според мелодија и текст на самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата ќе се погрижат Борче Кузмановски и Давор Јордановски.
„Во целиот хаос и бура од разочарувања минатата година, Here I stand „се напиша” во еден здив, без притоа да помислам за каде и за кого ја пишувам песната. Веројатно тие се оние ретки моменти кога ќе се споите сами со себе и ќе оставите вашата емоција да ве понесе без да ја „осудите”, туку ја оставате да истече од вас во најискрената форма.
Особено сум горд што ја имам можноста со автобиографска песна да ја претставам Македонија на Евросонг. Велат дека секој човек си носи барем една песна во себе, Here I stand е мојата песна што едвај чекам да ја запеам на сцена!
Им благодарам на сите кои ме поддржуваат и веруваат во мене“, изјави Гарванлиев.
Песната ќе се снима во ренoмираното студио Fames во Скопје, со симфониски оркестар во живо, а придружните вокали ќе се снимаат во Чикаго, од страна на поранешни членови на Детскиот Хор на Чикаго, каде и самиот Васил членуваше како дете.
Гарванлиев на своите профили на социјалните мрежи обајви краток исечок од „Here I stand“.
Македонскиот претставник веќе ја сними и евровизиската разгледница, годинава во виртуелно студио во МТВ. Со цел да се избегне патување, организаторите на Евровизија осмислија креативни видео разгледници, во кои секој од учесниците ќе се појави на различни локации во Холандија преку холограм.
Организаторите се одлучија на реалистичен пристап, фокусирајќи се во моментов на реализација на сценариото Б, според кое Евровизија ќе се организира според усвоени протоколи за заштита од ковид 19, што подразбира настан со присуство на делегациите во Ротердам, но со примена на социјална дистанца, чести тестирања во арената, редуциран капацитет на публика, кој може да се движи од 0% до 80%, во зависнот од моменталната состојба и пропишаните закони на локалните власти. За непречено одвивање на шоуто и во услови на неопходни промени во последен момент, секоја национална телевизија мора да обезбеди претходно снимен настап од својот претставник, кој евентуално ќе се искористи во зависнот од потребите на даденото сценарио.