Евросонг 2023: Објавен редоследот на изведувачи на полуфиналињата
Македонија не учествува, Србија и Хрватска во првото полуфинале, Словенија во второто полуфинале
Англија– Утврден е редоследот на настапи на двете полуфинални вечери на 67. избор за песна на Евросонг во Ливерпул.
Британската телевизиска куќа Би-би-си го одлучи редоследот по кој претставниците на земјите натпреварувачи ќе се појават на сцената во мај, што го потврди и Мартин Остердал.
Треба да се напомене дека од 2013 година до денес продуцентите на шоуто одлучуваат за редоследот во двете полуфиналиња.
Првата вечер ќе се одржи во вторник, 9 мај, во 20 часот. Втората полуфинална вечер е во четврток, 11 мај.

Во првото полуфинале се натпреваруваат вкупно 15 земји, од ексЈу Хрватска и Србија. Полуфиналето ќе го отвори еден од фаворитите на годинешното натпреварување – Норвешка, а ќе заврши со уште еден голем фаворит – Финска.

Второто полуфинале ќе го отвори Данска, а ќе заврши со Австралија. Од ексЈу настапува Словенија.
Ќе се квалификуваат десетте најдобри земји од секое полуфинале, кои ќе се сретнат со големата петорка, како и со минатогодишниот победник Украина во големото финале во сабота на 13 мај.
Цените на билетите кои се пуштени во продажба започнуваат од 30 британски фунти (33,7 евра), а најскапите чинат 380 фунти (427,3 евра), пренесува Sky News.
Од Македонската Радио Телевизија лани соопштија дека годинава Македонија нема да учествува на Евросонг, поради енергетската криза. И други земји од регионот се откажаа заради високите трошоци.
Но, МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале. Од МРТ се надевааат дека состојбата ќе се стабилизира, по што земјава повторно ќе се врати со учество на Евровизија во 2024 година.