Европско знаме и за Законот за нефер трговски практики: Рабатот од 30-40 отсто ќе се ограничи на 10 отсто

За прв пат се носи вакво законско решение при што се наведени 26 нефер трговски практики, а наведено е и колку процентуално може да биде максималниот рабат или надоместоци кои купувачите, во овој случај големите синџири на супермаркети би можеле да ги бараат од производителите и добавувачите


Фото: Б. Богдановска

 

Предлог текстот на законот за нефер трговски практики во делот на трговијата со земјоделски и прехранбени производи предвидува 26 такви практики кои ќе бидат регулирани, а непочитувањето ќе значи плаќање глоба и до 20 илјади евра. Една од клучните новини е ограничувањето на рабатот кој се договара меѓу учесниците во прометот и при што често се наметнува позицијата на посилниот.

Текстот на предлог – законот веќе е објавен Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), а беше доставен и до Стопанската комора каде што денес имаше средба меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и претставници на најголемите компании од областа на прометот и трговијата со земјоделски и прехранбени производи. Тие во наредните 20 дена можат да доставуваат сугестии и забелешки во врска со законот, по тој ќе оди на Влада, а потоа ќе биде проследен во Собранието на усвојување.

„За прв пат се носи вакво законско решение при што се наведени 26 нефер трговски практики, а наведено е и колку процентуално може да биде максималниот рабат или надоместоци кои купувачите, во овој случај големите синџири на супермаркети, би можеле да ги бараат од производителите и добавувачите. Сега рабатите надминуваат и 30-40 отсто од производствената цена што според предложеното законско решение ќе биде најмногу 10 отсто. Во рамките на тоа синџирите на супермаркети ќе конкурираат меѓу себе, што ќе влијае на намалување на цените веднаш и директно“, изјави денес Бектеши по работната средба во Стопанската комора.

Бектеши нагласува дека откако ќе стапи во сила законот, тоа веднаш ќе придонесе да се намалат цените на овие производи, но и да се подобри нивниот квалитет, но и предвидливоста и сигурноста и на добавувачите и на купувачите.

„Многу е важно да се наведе фактот дека повеќето од директивите на Европската унија се транспонирани во новото законско решение. Законот ќе биде со европско знаменце, затоа сакаме преку дијалог и презентации, каде што ќе бидат вклучени сите, да го имаме најдоброто решение. Се со цел да не направиме штета било кој дел на снабдувањето, почнувајќи од производителите до малопродажбата. Најважно од се е дека ова законско решение ќе ги уреди условите, начинот, како ќе се врши трговија во делот на земјоделските и прехранбените производи и нема да дозволи можност за да се користи моќта на одредена компанија врз другите компании“, нагласи Бектеши.

Тој е убеден дека со ва законско решение ќе се подобри и квалитетот на производите заради тоа што во рамки на 26-те трговски практики се предвидени и земјоделски производи кои имаат краток рок.

„А, генерално квалитетот на производите се нарушува кај тие производи со таков рок, а нема договори помеѓу производителите и купувачите како да се однесуваат кон тие производи“, рече Бектеши.

Како што појасни Васко Ристовски, менаџер за претставување на членките и вмрежување во Стопанската комора, на работната средба денес беа и најголемите компании од овој сектор. Притоа бил разгледан предлог текстот на законот за спречување нефер трговска практика во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи при што биле отворени повеќе прашања кои беа нејасни за бизнис секторот.

„Имаме рок од 25 дена, значи најдоцна до 25 октомври доколку имаме било какви забелешки да ги доставиме“, рече Ристовски додавајќи дека комуникацијата ќе се искористи овој период за се она што не е јасно на компаниите да се расчисти.

Одговарајќи на прашања на новинарите кои се нејаснотиите во законот за бизнисот, Ристовски рече дека станува збор за одделни различни толкувања од страна на компаниите.

„Забелешките треба да произлезат во наредниот период од 20 дена, треба да сумираме. Тука има претставници од поголемите компании, од синџирите маркети, секој има свое гледиште, и кога сето тоа ќе го сумираме во документ, ќе се закачи на ЕНЕР, а ќе се достави и до ресорното министерство. Имаме време да ги разгледаме, да ги појасниме работите, можеби ќе има простор каде може да се интервенира“, рече Ристовски.

За непочитување на законските одредби се предвидени глоби до 20 илјади евра, но како што посочи Бектеши, во текот на овие 20 дена ќе се разговара и со купувачите и со добавувачите и ако има дополнителни предлози Министерството е сме отворено да разговара и да се вградат некои од коментарите.

Во однос на шесте месеци за приспособување, Бектеши рече дека може да дојде и до промена на овој рок, односно тој да се намали.

„Генерално договорите меѓу добавувачите или пак дистрибутерите и производителите и купувачите се прават годишно. Ако до крајот на оваа година законот ја помине собраниската процедура и ако се подготвени купувачите и добавувачите веднаш да го применат, за нас како Министерство не е проблем да ги намалиме тие рокови“, рече Бектеши. (М.Ј.)

 

Кои практики се сметаат за нефер?

 

Според Член 5 од текстот на предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи како забранети нефер трговски практики се сметаат:

Забранети нефер трговски практики во односот помеѓу купувачот и добавувачот се сметаат кога купувачот:

1. ги откажува нарачките на расипливи земјоделски и прехранбени производи во рок пократок од 30 дена, така што добавувачот неможе разумно да очекува да најде алтернативен начин да ги пласира или да ги искористи тие производи;

2. еднострано ги менува условите на договорот за снабдување на земјоделски и прехранбени производи, начинот, местото, времето или обемот на набавка или испорака на земјоделските и прехранбените производи, стандардите за квалитет, условите за плаќање или цените за давање услуги;

3. бара плаќања од добавувачот кои не се поврзани со продажбата на земјоделски и прехранбени производи на добавувачот;

4. бара плаќања од добавувачот за настаната штета или загуба, или за двете, на земјоделските и прехранбените производи кои се сместени во просториите на купувачот или откако сопственоста е пренесена на купувачот, а таквата штета или загуба не е предизвикана од небрежност или вина на добавувачот;

5. одбива писмено да ги потврди условите во договорот за снабдување за кој добавувачот побарал писмено да потврди; ова не се применува кога договорот за снабдување опфаќа производи кои ги доставува член на организација на производители и задруга, до организацијата на производители чиј член е добавувачот, доколку одредби во нивните статути имаат слични ефекти на условите на договорот за снабдување;

6. незаконски ги стекнува, користи или открива деловните тајни на добавувачот;

7. се заканува на добавувачот дека ќе изврши дејствија на комерцијална одмазда доколку добавувачот ги искористи своите договорни и законски права, вклучително и поднесување барање до Комисијата за заштита на конкуренцијата за поведување постапка или претставка или ќе соработува со Комисијата за заштита на конкуренцијата за време на постапката;

8. бара компензација од добавувачот за трошоците за спроведени истраги по поднесени жалби на потрошувачи во врска со продажбата на производите на добавувачот и покрај тоа што добавувачот нема вина или грешка;

9. бара надомест од добавувачот за внесување нов земјоделски и прехранбен производ во продажната мрежа и за проширување на продажната мрежа на купувачот, уредување нови и преуредување на постоечките продажни места на купувачот, проширување на капацитетот за складирање кај купувачот и проширување на дистрибутивната мрежа на купувачот;

10. бара од добавувачот да се договорат за фиктивни услуги кои нема да се извршат и за кои нема противдејство односно причина освен одложување на рокот што веќе доспеал за плаќање;

11. бара надомест од добавувачот за склучување на договорат;

12. го условува добавувачот да склучат договори и деловни соработки за компензација на земјоделските и прехранбените производи и услуги;

13. бара од добавувачот да не продаваат земјоделски и прехранбени производи на други купувачи по пониски цени од оние кои се договорени да ги плати купувачот;

14. бара надомест од добавувачот за намален приход на купувачот заради намалена продажба или маржа на одреден земјоделски или прехранбен производ;

15. бара надомест од добавувачот за испорака на земјоделски и прехранбени производи до местото на испорака или надвор од договореното место на испорака;

16. бара надомест од добавувачот за истражување на пазарот;

17. еднострано ги брише производите од списокот на договорени производи кои добавувачот ги испорачува на купувачот или значително ги намалува нарачките на поединечни земјоделски и прехранбени производи без претходно писмено да го извести добавувачот во период кој не е пократок од 30 дена;

18. наплаќа трошоци од добавувачот за дополнителни анализи на квалитетот на земјоделски и прехранбени производи, освен ако со дополнителните анализи се утврди дека производот на добавувачот не го исполнува договорениот квалитет, во кој случај трошоците за дополнителните анализи несмеат да бидат повисоки од трошоците кои купувачот ги имал;

19. бара надомест од добавувачот за услуги што не се дадени или се дадени но не се јасно договорени однапред помеѓу нив;

20. ги враќа на добавувачот непродадените земјоделски и прехранбени производи кои се испорачани без да ги плати или без да плати за отстранување на тие производи,;

21. бара надомест од добавувачот за складирање, прикажување или ставање на земјоделски и прехранбени производи на полици на продажното место на купувачот;

22. бара од добавувачот во целост или делумно да ги сноси трошоците за попусти на земјоделски и прехранбени производи кои се продаваат како дел од промоција;

23. бара добавувачот да плати за рекламирањето на земјоделски и прехранбени производи кои тој ги рекламира;

24. бара добавувачот да плати за маркетинг на земјоделски и прехранбени производи кои тој ги спроведува;

25. бара надоместок од добавувачот за персоналот за опремување на простории во кои ќе се врши продажба на земјоделски и прехранбени производи на добавувачот;

26. други надоместоци и трошоци (неспоменати).


Исклучок од забраната наведена во точката 22 од став (1) на овој член се предвидува во случај, кога купувачот пред промоцијата ќе го наведе периодот на промоција и количината на земјоделски и прехранбени производи што ќе се нарачаат од добавувачот, по намалена цена.

Во случајот од ставот (3) од овој член, купувачот има дополнителна обврска да му достави на добавувачот податоци за продадените количини по промотивна (намалена) цена, по истекот на промотивниот период.

Доколку добавувачот има доставено на купувачот, количина поголема од количината која е продадена на потрошувачите за време на промотивниот период, купувачот мора да му ја плати на добавувачот разликата од испорачаната и продадената количина по редовна цена.

Доколку купувачот и покрај забраните наведени во точките 21, 23, 24 и 25 од став (1) на овој член, бара да му наплати на добавувачот, во тој случај мора да склучи писмен договор во кој јасно и недвосмислено ќе се прикаже писмената проценка за трошоците и плаќањето по единица, или вкупно плаќање, која се заснова на објективна и разумна проценка.

За забранети нефер трговски практики во односот помеѓу купувачот и добавувачот, не се сметаат попустите и рабатите кои што добавувачот ќе му ги одобри на купувачот и тие не смеат да бидат повисоки од 10%.