Европските земји масовно протеруваат руски дипломати


Гневот поради масовните цивилни убиства во украинскиот град Буча ги натера Шпанија, Италија и Шведска им се придружат на ЕУ-сојузниците и да протераат руски дипломати од своите земји. Претходно  на таков чекор се одлучија Данска, Германија и Франција.

Шпанија ќе протера околу 25 руски дипломати и вработени во руската амбасада во Мадрид. Потегот го најави министерот за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес.

„Одлучивме да ги протераме руските дипломати и персоналот од руската амбасада во Шпанија, кои претставуваат закана за интересите и безбедноста на нашата земја“, рече тој по неделниот состанок на владата. Сепак, тој рече оти Шпанија нема да го протера рускиот амбасадор бидејќи Мадрид сака да го задржи својот амбасадор во Москва и да ги остави отворени дипломатските канали за разговори со Русија за ставање крај на војната.

Италија одлучи да протера 30 руски дипломати поради „национални безбедносни причини“. Луиџи ди Мајо, шеф на италијанската дипломатија, истакна дека на рускиот амбасадор во Италија претходно денеска му било кажано оти дипломатите кои служат во амбасадата „се непожелни луѓе“.

„Одлуката донесена во договор со другите европски и атлантски партнери беше потребна од причини поврзани со нашата национална безбедност, во контекст на актуелната криза што произлегува од неоправданата агресија врз Украина од страна на Руската Федерација“, рече Ди Мајо и додаде оти Италија е на располагање да дејствува како гарант за безбедноста и мирот во Украина.

 Шведска протера тројца руски дипломати поради шпионирање, изјави денеска шведската министерка за надворешни работи Ен Линде, придружувајќи се на голем број европски земји кои протераа руски дипломати изминативе денови.

„Тоа е затоа што тие не ја следат Виенската конвенција и преземаат незаконски операции за собирање разузнавачки информации“, им рече Линде на новинарите.

Во меѓувреме, Русија истакна оти соодветно и пропорционално ќе одговори на протерувањето на нејзините дипломати, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го оцени како „кратковиден“ потегот на европските земји.

„Стеснувањето на можностите за дипломатска комуникација во ваква невидено тешка кризна ситуација е кратковиден потег што дополнително ќе ја комплицира нашата комуникација потребна за изнаоѓање решение“, рече Песков.

Повеќе од 120 руски дипломати се протерани од ЕУ во текот на последните два дена.