Европската комисија повторно препорачува отворање преговори со Македонија


„Северна Македонија ги зајакна своите напори и гарантираше натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области. Основата за Комисијата да препорача отворање на пристапните преговори со Северна Македонија останува и натаму валидна“, стои во извештајот на Европската комисија

 

Последната пречка што можеше да се појави пред одлуката на европските лидери на нивниот самит, според најавите од дипломатски кругови, денеска е надмината – Европската комисија во извештајот што ќе го објави малку подоцна останува на  одлуката да препорача отворање преговори со Македонија. „Северна Македонија ги зајакна своите напори и гарантираше натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области кои беа идентификувани во заклучоците од Советот од 2018 година. Консеквентно на тоа, основата за Комисијата да препорача отворање на пристапните преговори со Северна Македонија останува и натаму валидна“, стои во извештајот на Европската комисија.

Во извештајот, кој е краток и концизен, се наведува дека Комисијата ја следела состојбата во три клучни области: прво, реформите во правосудството и проактивен пристап кон истрагите, обвиненијата и пресуди за корупција и организиран криминал, вклучувајќи го и тој на високо ниво; потоа, реформи на службите за безбедност и разузнавање; и трето, реформи на јавната администрација.

Во него се посочува на „засиленото темпо на имплементација на реформите предвидени со Стратегијата за реформа на правосудството“, како и адресирање на „Итните реформски приоритети“. Извештајот го посочува како добра пракса разрешувањето на шест судии, вклучувајќи го и поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, како и одземањето на имунитетот на еден судија на Управниот суд. Понатаму се наведува дека инспекцискиот надзор на Акмис системот е позитивен чекор, како и новиот закон со кој се отстрануваат недостатоците при распределувањето предмети.

Се наведува и усвојувањето на новиот Закон за јавно обвинителство, чија цел, според Европската комисија, била и да се обезбеди одговорност за сторените прекршувања на законите и целосно затворање, до правосилна судска пресуда, на случаите кои ги отпочна СЈО. Извештајот зборува за покажаната добра пракса од страна на СЈО и ОЈО за гонење на организиран криминал во однос на независните истраги и отворање на обвиненија за повеќе поранешни и актуелни високи функционери.

Во извештајот се зборува и за крвавите настаните од 27 април 2017 година во Собранието и се нагласува затворањето на процесот со пресуди за повеќето обвинети, но новите обвиненија за организирање на насилниот упад и ефективно спроведената истрага.

ЕК ја нагласува и улогата на Антикорупциската комисија, ги наведува 66-те отворените случаи и се очекува надлежните институции да постапат по укажувањата на комисијата.

Во однос на реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се наведува дека со новите закони за Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) се прави разлика помеѓу стариот систем на работа кога функционираше УБК и денешната АНБ. Се посочува и на зајакнатиот надзорен капацитет на Собранието.

Околу реформите на јавната администрација се посочува на активностите за подобрување на транспарентноста и отчетноста на администрацијата, како и на напорите за дигитализација и поедноставувањето на пристапот на граѓаните за обезбедување на основните услуги.

Според она што го дознаваме, овој извештај е поинаков од оние на претходните европски комисии, затоа што има повеќе квантитативни оценки и ги нема навлегувањата во поединечни поглавја. Очигледно дека новата Европска комисија усвојува и поинаков метод и јазик на делување од претходните.

Сега целата работа е префрлена кај европските лидери кога тие на самитот на 26 март треба да одлучат дали ќе отворат преговори со Македонија и Албанија. Францускиот претседател Емануел Макрон, кој стави вето за почеток на преговорите на самитот во октомври, неодамна на Безбедносната конференција во Минхен изјави дека Париз го чека извештајот на Европската комисија кој треба да биде некаква водилка за француската одлука. Тоа на одреден начин го потврди минатата недела и француската министерска за европски прашања Амели де Моншален.    (Н.В.)