Европската комисија ја тужи „АстраЗенека“ поради неиспорака на договорените дози вакцини

Европската комисија покрена тужба против британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“ поради неисполнување на обврските за испорака на договорените дози од вакцините против Ковид-19, изјави портпаролот на Комисијата, Стефан де Кирмекер.
„Одредбите на договорот не се почитувани и компанијата не беше во состојба да спроведе веродостојна стратегија за да осигура праворемена испорака“, рече тој.
Додаде дека Комисијата поднела тужба во име на сите 27 членки на ЕУ, кои едногласно дале поддршка на тој потег.
„АстраЗенека“ повеќепати потфрли во испораката на вакцини во Европската унија. Според договорот, во првото тромесечие требаше да испорача 120 милиони дози, а испорача околу 30 милиони. Во второто тромесечие требаше да испорача 180 милиони дози, а според најавите ќе испорача само 70 милиони.