Европска Македонија – држава на закрепостени земјоделци
„Реформите“ особено ќе наштетат на малите производители кои се клучот за разновидноста на храната што ја дефинираме како домашна македонска. Големите земјоделски стопанства добиваат речиси сѐ. Во битката против „лажните“ земјоделци не треба да настрадаат малите
Дали се спушта завесата за ситните земјоделци, а се отвораат вратите за капиталистите и големите земјопоседници? Вака во една прашална реченица треба да се бара, а и да се најде, одговорот на моменталната ситуација во државата со новите програми за субвенционирање во земјоделието, каде во ловот власта на „лажните“ се условуваат ситните земјоделци.
Непобитен факт е дека од реформите ќар ќе имаат оние земјопоседници кои ќе направат комбинација од земја плус стока, ќе обработуваат поголеми површини и ќе чуваат повеќе добиток.
Точно дека субвенциите се народни пари и треба да се даваат контролирано, но пред сѐ треба државна стратегија за аграрот, механизам за проверка и санкции за злоупотреби.
Буџетот за земјоделие е секогаш „бунар без дно“ (1,5 милијарди евра за 17 години), со очигледни и процесуирани злоупотреби што ја блокираа европската помош од ИПАРД програмата. Формулата за успешни реформи е реална состојба плус наука и широка јавна дебата, а не ад хок решенија.
Денови наназад врие како во кошница меѓу ситните земјоделци – дали ќе останат без државна помош со новите мерки во програмата за субвенции што ја најави власта. Под притисок на јавноста ретерира и министерот за земјоделство, па меѓудругото сега најново испрати порака за некаков „транзициски период“ од една до најмногу три години, па условот ќе биде или ситниот земјоделец ќе се проширува или нема да земе субвенции од државата.
Безброј прашања се поставуваат пред фармерите и секој е приказна сам за себе, дали со нивите кои ги обработуваат и стоката што ја чуваат ќе земат некој денар од државата, да врзат крај со крај или ќе останат со куси ракави, што е поизвесно.
Политиката на делење државна помош се заострува. Така, ако некој Митре или Расим од некое село, имаат два декари лозје, две крави, дваесет кози… нема да добијат субвенции.
Програмата предвидува повисок долен праг – ќе бидат потребни најмалку три крави, во козарството минимум 30 грла, а за пчелни семејства – 30 колонии. Минималната површина се зголемува: за полјоделски култури од 0,5 на 0,7 ха (збирно), а за овошни и лозови насади од 0,2 на 0,5 ха. Плус, 30% од производството мора да се предаде во регистриран откупен пункт, со минимални приноси (на пр. 3.000 кг/ха за пченица) и строги рокови за продажба/складирање. Без сертифицаран семенски материјал – нема ниту субвенција за пченицата. За еден просечен мал земјоделец (во Македонија 96% од фармите се под 5 ха), ова значи аларм: Исклучување од системот! Оние со 0,2–0,4 ха овоштарници или лозја (чест случај во Струмица, Битола, Охрид…) ќе останат без ниту денар пари од државата.
Личниот пример на Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделците од Струмица, добар познавач на аграрната политика и состојбите во државата, е прецизна слика за она што ги чека ситните земјоделци.
„Јас садам два декари со краставици, два декари со домати, два декари со зелка… вкупно имам 10 декари и нема да земам субвенции“, изјави Велков.
Не треба многу анализа за да се види дека голем проблем за грото земјоделци е 30 проценти од родот да го предадат во откупен центар. Тука е главното прашање до властите – каде во државата има толку откупни капацитети за да го примат „условениот“ род? Каде ќе оди праската од Росоман или сливата од Берово…? Дали тука не се отвора простор од откупувачите за манипулации со откупните цени? Штом земјоделците се условени да го предадат родот, дали тоа ќе биде задолжително и во ситуација на мизерни цени што не ги покриваат ни производните трошоци, само за да земат државни субвенции? Што со оние земјоделци кои директно извезуваат и не предаваат стока на домашни откупувачи? Факт е дека има фирми со долгогодишни и сериозни партнери од Европската унија па извезуваат свежи производи.
Дали власта направи превид за оние земјоделци кои вложиле во млади насади? Бројни фармери имаат посадено по неколку хектари со лешник, ореви, костени… Дрвото не дава веднаш род. Кај да најдат овошки за да предадат 30 отсто во откупни центри?
Овие и безброј други прашања се без одговар за најголемиот број земјоделци на кои им се заканува сериозен финансиски удар. Без субвенции, трошоците за семе, ѓубриво, наводнување ќе станат неподносливи – комбинацијата од инфлација и климатски ризици сите ќе ги докрајчи. Резултатот ќе биде напуштени, обраснати ниви, угари, намалена реколта… Социјалниот ефект ќе биде уште подраматичен. Младите и онака си заминуваат во континуитет и од селата и од државата, старите ќе поткопнуваат по нивите додека ги држи снагата, но тука нема да има продуктивност.
„Реформите“ особено ќе наштетат на малите производители кои се клучот за разновидноста на храната (локални пиперки и домати, сливи, јаболка… купување од праг) што ја дефинираме како македонска – домашна храна, кампања со која власта шири „позитивна енергија“ по медиумите и социјалните мрежи.
Од друга страна, првиот впечаток е дека кајмакот од субвенциите ќе го соберат неколку крупни земјоделски стопанства во државата што ќе земат од пола милион до еден милион евра на име субвенции. И лани и годинава максималниот износ на субвенции е зголемен до 1 милион евра за големите земјопоседелски стопанства, а такви се бројат на една рака во државата, можеби по една во Пелагонија, во Велес, во Струмица.
Што добиваат големите? Сè. Овие фирми (водечки во полјоделство, сточарство, преработката) се историски најголемите добитници на субвенции – милиони евра годишно за млеко, житарици… Со новиот максимум од 60 милиони денари, тие можат да ги „голтаат“ уште повеќе малите земјоделци. Плус, тие лесно ги исполнуваат условите: големи површини (над 1.000 ха), договори со откупувачи, високи приноси.
Но реалноста е друга за македонското земјоделство – доминираат малите стопанства и индивидувалните земјоделци. Резултот ќе биде монополизација на пазарот, помала конкуренција за малите.
Оттука земјоделците отворено стравуваат – дали е ова почеток на уништување на ситното производството? Најверојатно не целосно и не веднаш. Ако малите (кои се над 90% од производителите) се исклучат, вкупното производство може да падне – особено во овоштарството и лозарството, каде што тие доминираат. Ќе се зголеми увозот на храна (веќе е двојно поголем од извозот), а селата ќе се претворат во „пустини“. Ова не е „зголемување на продукцијата“, туку централизација. Во ЕУ, малите се поддржани преку кооперативи, микро-грантови и посебни мерки. Оттука она што треба власта да го направи да ги реведира реформите, пример да ја намали минималната површина за „ограничени области“ (планински, помали региони) на 0,25 ха. Да воведе кооперативи и заеднички откуп за малите. Субвенции врзани за квалитет на производ и извоз, не само за количина.
Реални теренски контроли. Во спротивно ќе добиеме „модерна“ земјоделска држава – со неколку гиганти – земјопоседници и илјадници напуштени ниви на закрепостени земјоделци. Тоа не е иднина, туку регрес во секторот земјоделие на патот кон Европската унија.
Власта треба да сфати дека ситните земјоделци од по селата не се „лажните“ земјоделци, лажните се од партиските штабови.
Малите вистински производители се основата на домашната храна и тие се дел од суверенитет на државата во земјоделството. Тие земјоделци треба да се слушнат на терен и наместо битката да се води со интервјуа и поткасти, треба да се разговара очи в очи.