Европа има нови правила за државна помош – еве колку се разликуваат од времето на банкарската криза во 2008


Европската комисија досега одобри речиси 1,9 билиони евра (2,06 билиони долари) мерки за државна помош поврзани со тековната криза. Ова вклучува пакет од 7 милијарди евра од француската влада до „Ер Франс“.

ЕУ во петокот соопшти дека „компаниите кои веќе се соочувале со потешкотии на 31 декември 2019 година немаат право на помош“

Сега има построги услови за тоа како европските влади можат да обезбедат финансиска помош за компаниите кои се борат со тековната криза на корона вирусот.

Европската унија усвои нови правила за државна помош на почетокот на март, како прв чекор за справување со економскиот исход од пандемијата. Овие мерки беа ревидирани по втор пат минатиот петок по долги и детални разговори со 27-те европски влади, пишува Си-Ен-Би-Си.

Најновите измени за државната помош се „различни“ од она што ЕУ го направи во 2008 и 2009 година како одговор на банкарската криза, изјави во вторникот за Си-Ен-Би-Си, Паоло Палмигиано, партнер во адвокатската фирма „Тејлор Весинг“.

ЕУ во петокот рече дека „компаниите кои веќе се соочувале со потешкотии на 31 декември 2019 година немаат право на помош“. Тоа е затоа што нивната финансиска слабост не се смета дека е директен резултат на пандемијата.

За споредба, Палмигиано вели дека не постоеше такво ограничување за време на глобалната финансиска криза.

„Во тоа време, имаше различни банки, едните беа солидни, и други кои не беа солидни. Тзка, (со најновите измени во државната помош) ако не бевте во добра состојба на 31 декември, не би го добиле тоа “, рече тој.

Нови услови

Европската комисија, извршниот орган на ЕУ, досега одобри речиси 1,9 билиони евра (2,06 билиони американски долари) како мерки за државна помош поврзани со тековната криза.

Ова вклучува пакет од 7 милијарди евра од француската влада за „Ер Франс“. За возврат, авиокомпанијата ќе мора да ги почитува построгите правила за животната средина, како што е намалувањето на бројот на ноќни летови.

Постои и друга разлика во однос на условите што се применуваа во 2008 и 2009 година. Земјите-членки сега можат да применат специфични еколошки стандарди за возврат на нивна помош – нешто што „дури не беше земано во предвид во банкарската криза“, рече Палмигиано.

Тој додаде дека има и нов „притисок“ за компаниите да стават крај на државната помош.

Европската комисија соопшти дека „секоја мерка за докапитализација вклучува механизам кој зголемувањето на надоместот од државата го поттикнува корисникот да ги врати државните капитални инјекции. Ова зголемување на надоместокот може да биде во форма на дополнителни акции“.

Дефинитивно, постои разлика во однос на 2008 година, вели Фабијан Зулег, главен економист во Центарот за европска политика.

„ЕУ реагираше многу брзо (овој пат)“, рече тој во вторникот за Си-Ен-Би-Си со тоа што ги ажурираше правилата за државна помош „многу, многу побрзо“ отколку за време на банкарската криза.

Првата комуникација од Европската комисија во 2008 година се случи повеќе од еден месец по распадот на „Леман Брадерс“. Одлуката да се олеснат правилата за државна помош овој пат, беше донесена на 19 март – само неколку дена откако некои земји од ЕУ воведоа мерки за заклучување.

Поделба на богати и сиромашни

Сепак, државната помош е далеку од тоа да биде едноставно прашање меѓу 27-те нации.

Во тек е дебата помеѓу земјите кои имаат повеќе фискален простор (и затоа се повеќе расположени да обезбедат финансиска поддршка) и оние кои не можат да им помогнат на сите компании што се погодени – што може да ги влоши стапките на невработеност.

Европската комисија „треба да се погрижи интегритетот на единствениот пазар да биде заштитен, но истовремено да овозможи финансиска поддршка на компаниите. Оваа дилема станува навистина тешка кога некои земји-членки како Германија се подготвени да потрошат многу пари за своите компании, но други земји не можат или не сакаат да трошат пари “, рече за Си-Ен-Би-Си во вторникот Гунтрам Волф, од бриселскиот тинк-тенк „Бругел“.

Различните фискални позиции може да создадат нарушувања на европскиот пазар. Една од улогите на Европската комисија е да се гарантираат рамномерни услови во сите 27 земји членки.

Портпаролот на Европската комисија во вторникот рече: „Ни треба план за закрепнување што ќе ни овозможи да ги активираме инвестициите низ цела Европа на фер и урамнотежен начин“, пишува Си-Ен-Би-Си.