ЕУ воведува строги правила: Нема да може да се увезува храна од области каде што се сечеле шуми

Нова регулатива на Европската унија, која стапува на сила на 30 декември 2025 година, би можела значително да ги зголеми цените на многу производи на полиците во продавниците. Регулативата има за цел да спречи уништување на шумите за земјоделски култури и производство на суровини, но трговците и производителите предупредуваат дека новите правила ќе донесат огромни трошоци и дополнителен административен товар
Според Регулативата за уништување на шумите (EUDR), од крајот на оваа година, стоките што потекнуваат од области каде што се случило уништување на шумите по 31 декември 2020 година повеќе нема да можат да се увезуваат во ЕУ. Правилата важат не само за тропските дождовни шуми, туку и за шумите во Европа.
Регулативата опфаќа седум клучни суровини: кафе, какао, палмино масло, соја, говедско месо, дрво и гума. Правилата важат и за преработени производи, од чоколадни плочки и кожни торби до мебел од иверица.
Задолжителни GPS координати и строги казни
Компаниите ќе мора точно да го наведат потеклото на нивните суровини, вклучувајќи ги и GPS координатите на земјиштето на кое се одгледувани. Неточните податоци или отсуството на потребните информации за геолокација би можеле да резултираат со казни, забрани за увоз или дури и заплена на производи.
Главниот економист на Комерцбанк, Јерг Кремер, за германскиот Билд изјави дека бирократијата ќе биде најголемиот предизвик за бизнисот, дури и поголем од високите даноци, цените на енергијата и лошата инфраструктура. Тој верува дека би било доволно сами да се обврзат увозниците да докажат дека стоката не потекнува од области каде што се случило уништување на шумите во последните пет години, а не од сите компании во синџирот на снабдување.
Трговците на мало и здруженијата предупредуваат на зголемување на цените
Германскиот малопродажен синџир EDEKA предупредува на огромен административен товар, кој вклучува милиони нови декларации за сообразност дури и за стоки што веќе се проверени, како и за тешката обработка на податоците за геолокација. Мартин Шилер од Fairtrade Deutschland има слична порака, проценувајќи дека трошоците ќе бидат високи и веројатно ќе бидат пренесени на потрошувачите.
„Како точно оваа регулатива ќе влијае на цените во супермаркетите не може со сигурност да се каже денес“, рече Дирк Хајм од REWE Group. Сепак, Шилер предупредува дека товарот од новите барања најмногу ќе го почувствуваат малите производители во земјите од Глобалниот Југ, а можни се и недостатоци кај органските и сертифицираните добавувачи за фер-трговија.
„Идејата е фундаментално добра, но во нејзината сегашна форма не е чекор кон поголема правда – напротив“, заклучува Шилер.