ЕУ размислува за ограничување на научната соработка со Израел поради кризата во Газа

Европската комисија предложи делумна суспензија на учеството на Израел во научноистражувачката програма „Horizon Europe“, вредна 80 милијарди евра, поради како што се наведува – „тешката“ хуманитарна состојба во Појасот Газа.
Овој потег е прв од ваков вид во историјата на програмата и доаѓа во време на зголемени меѓународни критики кон израелските акции во Газа, вклучително и изјавата на Доналд Трамп кој побара Израел да направи повеќе за да го спречи „вистинскиот глад“, пишува Гардијан.
Според проценката на водечката светска институција за кризни ситуации со храна – IPC, во Газа моментално се одвива „најлошото сценарио на глад“, со сериозен недостиг на вода, лекови и храна. Во извештајот на Комисијата се наведува дека „90 отсто од домаќинствата се соочуваат со сериозен недостиг на вода“, а речиси целото население е изложено на ризик од глад.
Ако биде одобрена, суспензијата ќе се однесува на пристапот на Израел до Европскиот совет за иновации (EIC), дел од програмата „Horizon Europe“ кој се фокусира на напредни технологии. Израел досега бил меѓу најуспешните учесници во програмата, со добиени 200 милиони евра од 2021 година досега – 135 милиони во грантови и 65 милиони во инвестиции.
Израелската влада ја негира вината за гладот и тврди дека проблемите во дистрибуцијата на помошта се должат на Хамас и ОН. Во вторникот информираа дека над 200 камиони со помош биле распределени, со уште 260 кои чекаат.
Европските власти сепак оценуваат дека и покрај „дневните хуманитарни паузи“ што ги најави Израел, ситуацијата останува критична. Велат дека немаат пристап на терен за да ја потврдат испораката на помошта и бараат зголемување на влезните точки и логистички капацитети.
Предлогот за суспензија е дел од поширока ревизија на трговскиот договор меѓу ЕУ и Израел, која ја иницираше Холандија и ја поддржаа уште 17 земји-членки.
Амбасадорите на земјите-членки ќе расправаат за предлогот во Брисел оваа недела, паралелно со разговорите за можниот трговски договор меѓу ЕУ и САД.