ЕУ подготви и „зелена агенда“ за Западен Балкан

МИА дојде до документот на Европската комисија „Зелена агенда за Западниот Балкан“, кој го придружува Економскиот и инвестициски план (ЕИП) за регионот, што треба да биде објавен денеска.

Овој внатрешен работен документ ги издвојува главните теми поврзани за животната средина на кои регионот ќе треба да се фокусира во наредните години, и за кои ќе помогнат средствата од ЕИП.

Столбовите на „Зелената агенда“ се климатска акција, вклучително и декарбонизација, енергија и мобилност, потоа циркуларна економија, со посебен акцент на рециклирањето и одржливо производство и употреба на ресурсите. Третиот столб е биодиверзитетот за заштита на природното богатство на регионот, четвртиот столб е загадувањето, како на воздухот, таа и на почвата и водата, и петтиот столб е развој на одржлив прехранбен систем и на руралните средини.

„Зелената агенда за Западен Балкан“ се заснова врз Зелениот пакт на Европската Унија, најголемиот политички проект на Комисијата на Урсула фон дер Лајен, чија цел е да се намалат емисиите на штетни гасови и да се постигне климатска неутралност до 2050 година.

Неизбежно земјите од Западниот Балкан ќе треба да се приклучат кон оваа тенденција во процесот на приближување до членство во ЕУ, за тоа треба да помогне Економскиот и инвестициски план заедно со „Зелената агенда“.

Западниот Балкан, според податоците на Ееврокомисијата, е еден од најпогодените региони од климатските промени, се очекува до крајот на овој век температурите да се зголемат за повеќе од пет степени ако итно не се преземат мерки за намалување на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. Поради ова, постигнувањето на карбонска – или климатска – неутралност до 2050 година значи дека стакленичките емисии ќе треба да се намалат за 55 отсто до 2030.

„Зелената агенда“ бара од земјите од регионот да се усогласат со Климатскиот закон на ЕУ во текот на евроинтегративниот процес, а Унијата ќе го придружува и помага регионот за спроведување на долгорочни климатски стратегии и техничка помош. Регионот треба да биде вклучен и ова Европскиот климатски пакт.

Регионот е сѐ уште премногу зависен од јагленот во енергетското производство, 70 отсто од електричната енергија зависи од јагленот, оваа бројка достигнува 97 отсто во соседна Албанија, што се коси со климатските цели на ЕУ. Обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, енергетската сиромаштија, градежниот сектор, одржлива мобилност и транспортна инфраструктура се сѐ области на кои владите од регионот ќе треба да се фокусираат за да ја исполнат „Зелената агенда“.

Циркуларната економија, односно реупотребувањето на материјали и ресурси и рециклажата, се критични делови во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Половина од штетните емисии се должат на екстракција и процесирање на ресурсите.

Земјите од регионот треба да вложат во циркуларноста преку конкретни мерки за да продолжи циклусот на живот на производите, а истовремено да се делува на начинот на консумирање преку охрабрување на поправање, рециклирање, реупотребување на производите, наместо фрлање.

Паралелно треба да се подобри и управувањето со отпадот. Западниот Балкан бележи секоја година сѐ поголема стапка на производство на отпад, која иако е пониска од таа во ЕУ, не се компензира со рециклажа и резултира со повисока стапка на нерециклиран отпад во споредба со земјите од ЕУ.

Западниот Балкан ќе треба да се фокусира на оваа област, како и значајно да ја намали употребата на пластика.

Европската комисија е свесна дека оваа транзиција за регионот мора да остане фер и социјално одржлива и да не ги погоди најранливите заедници и ја разгледува опцијата за креирање на Фонд за праведна транзиција за Западниот Балкан, по моделот на истиот Фонд на ЕУ, кој има за цел да им помогне на помалку развиените региони во Унијата да ја постигнат зелената транзиција со минимални економски и социјални штети за најранливите.

Стратегијата ќе бара исто така поголема инволвираност на локалните власти како и на регионалните организации кои се занимаваат со енергетски, транспортни и еколошки теми.