ЕУ по повод Меѓународниот ден на демократијата: Демократијата е основа на мирот, слободата и просперитетот

Европската Унија ја потврдува виталната важност на почитувањето на демократските принципи, човековите права и владеењето на правото, признавајќи дека тие денес се поважни од кога било и се основа на нашите општества, соопшти Европската комисија по повод Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември.
– Демократијата се соочува со невидени предизвици низ целиот свет. Гледаме зголемена манипулација, странско мешање и дезинформации. Ова го поткопува пристапот до сигурни информации, како резултат на што се еродира довербата на јавноста во демократските институции и процеси, се наведува во заедничката изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хана Виркунен и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт.
Тие посочуваат дека растечката поларизација ги доведува во прашање демократската дебата, учеството на граѓаните во демократските процеси, тешко стекнатите права, како и заштитата на маргинализираните групи.
– Автократските наративи се стремат да ја ослабнат довербата во интегритетот на изборните процеси. Насилните конфликти ги дестабилизираат земјите и регионите и ја продлабочуваат несигурноста. Дополнително, намалувањето на буџетот за поддршка на демократијата на глобално ниво остава вакуум што авторитарните режими се желни да го искористат. Демократијата е основа на мирот, слободата и просперитетот и е темел на нашата Европска Унија, се додава во изјавата.
Според ЕК, демократијата останува најлегитимниот и најефикасниот начин за справување со предизвиците со кои се соочуваат европските општества и современиот свет.
– Кога информираните граѓани се слободни смислено да се вклучат во обликувањето на политиката, сите имаат корист. Само демократијата може да гарантира дека основните права се зачувани и почитувани, се потенцира во изјавата.
Во неа натаму се додава дека ЕУ останува посветена на одбраната и промовирањето на демократските вредности, човековите права и владеењето на правото, како што е предвидено во основачките договори на Унијата и во меѓународното право.
– Ќе ги поддржиме слободните и плуралните медиуми, слободните и фер изборни процеси и ќе ја заштитиме слободата на говорот преку обезбедување дека веродостојните, точните и непристрасните информации напредуваат, посочуваат Калас, Веркунен и Мекграт,
Во изјавата се нагласува и дека заштитата на демократијата во рамките на ЕУ и на глобално ниво е прашање поврзано со стратешки интереси на Унијата – зајакнувањето на безбедноста и одбраната на европските вредности.
– На овој Меѓународен ден на демократијата, ги повикуваме владите, организациите и поединците да ни се придружат во почитувањето на демократијата и основните права. Заедно, можеме да се справиме со предизвиците со кои се соочуваме и да ги одбраниме безбедните, стабилни и инклузивни општества, каде што демократските вредности напредуваат и граѓаните можат да се учествуваат слободни, се додава во изјавата на ЕК по повод Меѓународниот ден на демократија.