ЕУ е дарежлива за членките: Хрватска доби 800 милиони евра грант за изградба на втор колосек за 83 км пруга

Пругата од Дуго Село до Новска ќе чини 900 милиони евра, 90 отсто се бесповратни средства од ЕУ. Хрватска ќе плати само 91 милиони евра


Европските фондови овозможуваат мега инфраструктурни проекти: Хрватска е пример

 

Инфраструктурата е во фокусот на економските вести денеска – во Брисел се одржува значаен глобален настан „Денови на поврзување на Европа, на кој учествува вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, а во Загреб денеска беше потпишан договор за реновирање на постојната железничка линија и изградба на втор колосек на делницата од Дуго Село до Новска, вреден 900 милиони евра, од кои околу 90 отсто ќе бидат неповратни средства обезбедени од европските фондови. Како што пренесуваат хрватските медиуми ова е најголемиот договор во историјата на Хрватските железници (ХЖ), а проектот е дел од трансевропската транспортна мрежа.

Иако овие два настани не се директно поврзани, сепак даваат слика што значи членството во Европската унија за финансирањето на вакви проекти.

Како што јавуваат хрватските медиуми, пругата Дуго Село – Новска, е најголемиот и највреден железнички проект во историјата на Република Хрватска. Вкупната вредност на проектот е 898.927.244 евра. Од вкупниот износ, 90 проценти бесповратни средства се обезбедени од фондовите на Европската унија, а преостанатите 91,4 милиони евра се од државниот буџет. Ова е прв инфраструктурен проект кој ќе го гради индиска компанија во Хрватска, која ангажираше и неколку хрватски компании.

Главен изведувач е индиската компанија „Афконс инфраструктура“. Покрај реновирањето на пругите, тој вклучува и дел од реконструкцијата на окружните патишта. Работите треба да траат пет години и десет месеци. Возовите на модернизираната делница треба да сообраќаат со брзина до 160 километри на час. Почетокот на работите се очекува во првата половина од следната година. Линијата се наоѓа на рутата запад-исток и треба да ја зголеми ефикасноста на коридорот што ја поврзува Хрватска со Србија и подалеку на исток.

ЕУ обезбедува грантови за инфраструктурни проекти и за земји кои не се члени на блокот. Така на пример, изградбата на железничката пруга кон Бугарија, која е дел од Коридорот 8, според последните проценки ќе ја чини Македонија најмалку 810 милиони евра, при што најтешка е третата фаза, од Крива Паланка до бугарската граница, која иако е долга само 22 километри, на неа ќе има дури 21 тунел и 52 моста. За изградба на оваа претстојна фаза е обезбеден грант од Европската унија во вредност од 149 милиони евра преку договори со ЕИБ, ЕБОР и WBIF.

Треба да се напомене и дека за изградбата и модернизација на соодветната железничка инфраструктура од другата страна на границата се предвидени дополнителни 1,2 милијарди евра.

Европската унија долго време ја форсира инфраструктурата како ‘рбет на економската интеграција, социјалната кохезија и одржливиот развој. Инфраструктурните проекти не се однесуваат само на физички патишта и мостови, туку и на енергетските мрежи, дигиталната поврзаност и социјалните системи кои овозможуваат непречено функционирање на единствениот пазар на ЕУ.

Николоски денеска во Брисел рече дека минатата недела, заедно со ЕИБ, е почната постапката  за избор на изведувач за изградба на третата делница- најтешката фаза од железничкиот коридор.

„Таа минува зад еден пограничен град и влегува во заедничкиот тунел што ќе го градиме заедно со Бугарија. Ова е една од ретките позитивни вести што ги имаме во моментов со Бугарија — минатиот ноември потпишавме заеднички меѓувладин договор за изградба на овој прекуграничен тунел кој треба да го отвори целиот Коридор 8. Доколку сè оди по планот, за 5 години од изборот на изведувач до 2031-2032 година треба да имаме целосна железничка врска меѓу Скопје, Софија, Бургас, Варна и Одеса“, истакнал Николоски.   

И двата примери покажуваат дека ЕУ е прилично „дарежлива“ кога станува збор за важни инфраструктурни проекти, со тоа што очигледно е дека за земјите кои се во блокот, грантовите се неспоредливо поголеми.

Треба да се има предвид и дека Хрватска, како земја-членка во ЕУ е обврзана да партиципира во Буџетот на ЕУ и тоа не со мали износи. Според „Форбс Хрватска“, од декември лани, годишниот придонес на оваа земја во буџетот на ЕУ изнесуваше околу 900 милиони евра.

Износот на придонесот се зголемувал со текот на годините во согласност со економскиот раст на земјата (на пример, во 2016 година изнесувал нешто над 500 милиони евра). Според најавите и пресметките за следниот долгорочен финансиски период (од 2028 до 2034 година), се очекува Хрватска да уплаќа просечно околу 1,5 милијарди евра годишно во буџетот на ЕУ.

Но Хрватска останува значаен нето корисник на европскиот буџет, што значи дека повлекува значително повеќе пари отколку што уплаќа: кумулативно, од пристапувањето во ЕУ (1 јули 2013 година) до средината на 2026 година, Хрватска уплатила вкупно околу 7,48 милијарди евра во буџетот на ЕУ, а во истиот период, од буџетот на ЕУ во хрватскиот буџет се исплатени 28,82 милијарди евра (вклучувајќи средства од Националниот план за закрепнување и отпорност – НРП). Ова значи дека Хрватска има вкупен суфицит од над 21 милијарда евра, покажуваат податоците на eufondovi.gov.hr.

Иако Македонија не членка на ЕУ, ниту ги има почнато преговорите за членство, сепак, не е заборавена – преку Инструментот за пред пристапна помош (IPA и IPARD), ЕУ има инвестирано помеѓу 1,2 и 1,9 милијарди евра во развојот и реформите на Македонија од 2007 година, а преку WBIF Македонија доби дополнителни 502,1 милион евра во вид на грантови за инфраструктурни инвестиции и техничка помош во периодот од 2008 до 2025 година, со што се поддржаа значајни проекти во областите на транспортот, енергетиката и животната средина.

Покрај ИПА програмите финансирањето продолжува со Планот за раст на Западниот Балкан. Преку овој инструмент, годинава беа одобрени дополнителни 65,7 милиони евра (од кои дел се чисти грантови за буџетот, а дел одат за капитални инвестиции). Дополнително, најавена е распределба на вкупно 140 милиони евра за исполнети реформски чекори.

Сепак, поддршката од ЕУ фондовите за земјите членки и оние кои тоа не се, е неспоредлива. Заложбите на ЕУ за слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе и проекти како Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T) со што националните мрежи ќе се поврзат во една единствена, ефикасна европска мрежа, потоа Зелената транзиција за постигнување на целта на ЕУ за климатска неутралност до 2050 година и намалување на регионалните разлики отвораат пристап до големи европски фондови за финансирање на национални проекти.

За земји како Македонија особено би биле важни кохезиските фондови, преку кои и Хрватска обезбедува средства.

По повод потпишување на договорот за пругата Дуго Село –Новска, денеска  хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека ова е уште една голема инвестиција во модернизацијата на железничката инфраструктура.

„Делницата Дуго Село – Новска, која е долга вкупно 83 километри, има чест да биде една од последните капитални делници на железничките линии во Хрватска и да се менува од едноколосечна во двоколосечна. Ова е најважната политичка порака на овој долгоочекуван проект, за кој обезбедивме средства од Фондот за поврзување на Европа, од кохезиските фондови на ЕУ. Проектот е вреден речиси 900 милиони евра“, нагласи Пленковиќ.

Тој го спомена и проектот од Дуго Село до унгарската граница, кој е при крај, што, заедно со модернизацијата на трасата од Загреб преку Карловац до Риека, целосно би ја зајакнало Хрватска на меѓународните железнички коридори, што според Пленковиќ, би можело да ја направи Хрватска, благодарение на јадранскиот брег, медитеранска порта кон Централна Европа.

Македонските фунционери не пропуштаат да посочат дека Македонија е крстосница на два паневропски коридори – 8 и 10, што секако е компаративна предност, која целосно може да се искористи преку пристап до европските фондови, особено кохезиските, кога би биле дел од ЕУ. Но, тоа засега, се чини далечна перспектива.