Ескобар ја исфали Македонија како најуспешен модел за етничките права

Изјавите на Ескобар и европските функционери дека Македонија е најуспешна во менаџирањето на правата на малцинствата е очигледно порака за Бугарија


 

Специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска на онлајн брифинг со новинарите од регионот ја пофали улогата на Македонија во постигнувањето на договорот меѓу лидерите на Србија и на Косово и посочи дека, иако не сака да прави аналогија со други историски настани, се надева дека Албин Курти и Александар Вучиќ ќе најдат добар симболизам во односите на Македонија и Грција, односно, како што сугерираше странски новинар, ќе „имаат момент Заев-Ципрас“.

Тој  ја искористи и оваа прилика да ја нарече Македонија „најуспешен модел  на етничка хармонија во регионот“ и да додаде дека му е многу мило што договорот „падна“ токму во нашата држава.

„Во случајот со Србија и Косово, се надеваме дека тие ќе ги следат односите меѓу Грција и Северна Македонија како добар пример. Всушност, имаше многу симболизам во Северна Македонија, земја која има добри односи како со Србија така и сКосово… (Договорот од Преспа) е најуспешниот модел за меѓуетничка хармонија во регионот и имаше бројни причини зошто Охрид беше избран… И мило ми е што се постигна успех и што средбата се случи таму“, изјави Ескобар. 

Ескобар практично им се приклучи на европските функционери кои не пропуштаат да порачаат колку Македонија е најуспешна во менаџирањето на правата на малцинствата, нешто што очигледно е порака што и ја праќаат на Бугарија, која единствена тврди дека тие што се декларираат како Бугари – биле загрозени во нашата држава. Тоа, пак, што се споменува Преспа и договорот на Ципрас и Заев, а не се споменува фактот дека прв заеднички момент двајцата имаа во Софија, праќа исто така порака за конструктивната улога што, според ЕУ и САД ја има Македонија и спротивната на Бугарија. 

Според Ескобар, со понудата да биде домаќин на разговорите на Вучиќ и Курти, Македонија придонела за европската и за регионалната стабилност, а тоа не го направила само сега, туку го прави цело време.

Околу дилемата кога очекува Македонија да стане дел од ЕУ, Ескобар рече дека САД не се дел од тој процес но во целост ја поддржуваат евроинтеграцијата на земјата и сакаат да се случи што е можно побргу.  Според него, сите земји во регионот на Западен Балкан заслужуваат забрзано приклучување кон ЕУ, но дека тоа нема да биде можно без регионално помирување и меѓусебно признавање.  Toa што Македонија покажала дека може да придонесе за европската и регионалната стабилност  е само порака дека ова е регион на можности, а не на ризици и проблеми.

Тој повторно посочи дека проблемот со корупцијата е „најголемиот долгорочен предизвик на сите земји во Западниот Балкан“, вклучувајќи ја и нашата и дека би сакал да види прогрес во справувањето со неа. 

Зборувајќи за договорот меѓу Белград и Приштина Ескобар изјави дека е чекор кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и е правно обврзувачки, иако не е потпишан.

„Ова е законска обврска договорена како од Србија така и од Косово. И Европската Унија потврди дека има договор, а тоа го потврдија и двајцата лидери. И навистина е не е потребно да се фокусираме на потписите, договорот е тука и ќе продолжиме напред“, изјави Ескобар. 

Тој додаде дека била потребна голема храброст и визија од српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти за да се стигне до таму, дека е договор во секоја смисла, дека се обврзале дека ќе го имплементираат – и од тоа ќе зависи европскиот пат на двете држави.

„Договорот е пат кон помирување на Србија и Косово. Важно е да разјасниме како ќе постапат двете страни. Имплементацијата мора да почне веднаш и двете страни ќе имаат корист од тоа. Сметам дека најважни се евроатлантските интеграции. Ќе направиме напредок само ако договорот почне да се применува што е можно поскоро, рече тој. притоа нагласи дека глацната придобивка за Косово со договорот е што се му отвора пат за евроинтеграцијата, додека за Србија  што ќе се спроведе договорот за воспоставување на заедницата на српските општини“, рече Ескобар. Тој јасно нагласи дека намерата на договорот не ни била меѓусебно признавање на Србија и Косово, иако САД би сакале сите балкански земји да се признаат меѓусебно, туку да се нормализираат односите меѓу нив за да не излегуваат натаму од контрола состојбите како што се случи со тензиите околу регистерските таблички и слично.

Околу тоа дали Русија со пораките сакала да влијае да не успее договорот Ескобар рече станува збор сепак за локален проблем за кој требало да се најде локално решение меѓу двете држави, при што Русија не била ниту прашана, ниту биле земени во предвид пораките што ги праќала викендов. Според него, Русија со употреба на медиумска дезинформација и онлајн активности работи против нормализација на односите и ја попречува евроатлантската интеграција на сите земји од регионот. 

„Реално, проблемите остануваат и се проблеми на регионот и треба да бидат решени преку регионално помирување. Можам да кажам дека за време на преговорите во текот на денот, Русија ниту беше спомената ниту беше присутна, и ако таа испрати некакви пораки преку викендот, тие не беа ефективни. Имаше успешна завршница и поставивме мошне успешна насока за регионално помирување. И сметам дека тоа е позитивно“, рече Ескобар.