Ескобар: Интеграцијата на Западен Балкан е мал чекор за ЕУ, а голема можност


Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања, Габриел Ескобар, на самитот за Западен Балкан на „Економист“ што се одржува во Скопје ја повика Европската унија да го интегрира Западниот Балкан, оценувајќи дека тоа е мал чекор за неа, а нуди големи можности.

„Ние и европските партнери имаме договор што треба да се направи за Западен Балкан, а тоа е евроинтеграцијата. Ние ги поддржуваме балканските земји во аспирацијата да се приклучат на Унијата. Тоа би создало огромно количество на стабилност во регионот, а искуството со другите земји што влегоа во ЕУ го покажа тоа. Ова е крајниот стадиум што го предвидуваме за Западниот Балкан“, рече Ескобар.

Според него, од американска гледна точка регионот нема друга перспектива освен европска.

„Ако го погледнете регионот, ќе видите дека земјите во него се европски, а нивните економии се врзани со еропските, така што од наша гледна точка ова е преоден чекор во ситуација кога имате толкаво влијание врз нив. Постои скептицизам во одредени земји на ЕУ каде што велат дека некои од реформите не се спроведени и може да преставуваат ризик за Унијата. Нашето искуство досега е дека тие се солидни партнери кои можат да бидат конструктивна сила во ЕУ“, рече Ескобар, посочувајќи на подготвеноста од земјите од регионот да им излезат во пресрет на САД кога го бараа тоа околу бегалците во Авганистан. 

Ние, рече Ескобар, не го гледаме Балканот како предизвик. „Политички да, бидејќи има прашања што треба да се разрешат, но генерално ние таму гледаме можности, особено што постои позитивен тренд за внатрешна соработка. Ова ни дава перспектива дека овие земји, со 20 милиони вкупно население , со економии од кои некои имаат раст над 5 отсто, ветуваат многу. Тука има многу можности за партнерство и за економска и трговска соработка, покрај тоа што се на крстопат на јадранско-црноморската рута што е стратешка локација. Интеграцијта на овие земји е мал чекор за ЕУ бидејќи само 5 отсто од европското население е во Западен Балкан“, заклучи Ескобар, нагласувајќи дека има разлика сега во однос на деведесеттите години , па ЕУ и САД треба да капитализираат од сменетите околности во регионот. (С.Ј.)